Екипата на Бутел Скопје, која после 14 кола се наоѓа на 3. позиција во Супер машката лига од вчера е одново на тренинг. Ракометарите тргнаа со подготовки за вториот дел од сезоната, а на првиот тренинг недостигаше засилувањето од Украина и тренерот Кристијан Грчевски.
Стратегот на Бутел Скопје е отсутен поради тоа што е во Виена на предавање за Мастер лиценца, па подоцна ќе се приклучи на тренинзите. Во негово отсуство Дарко Јанев ја имаше задачата да ги стартува подготовките за пролетниот дел од сезоната.
Ќе доцни и десниот бек Сергеј Сулима, кој се очекува да се приклучи на работа на тимот на 1 февурари. Се работи за ракометар од Украина, кој сезонава ја почна во екипата на Работнички.
Во плановите на Бутел Скопје е во рамки на подготовките да бидат одиграни повеќе натпревари. Веќе е договорено противници да бидат репрезентацијата на Кувајт и тимот на Дубочица од Лесковац.