Бутел Скопје ги освои бодовите против храбриот Вардар Неготино

Бутел Скопје по триумфот над Струга, ја забележа втората победа во серија во суперлигашката конкуренција, откако на домашен терен славеше против составот на Вардар Неготино со 31-24.

Домашните тргнаа фуриозно и отворија со водство од 6-1, па најавија дека гостите нема што да бараат на овој меч. Првиот дел мина во доминација на бутелци, иако во финишот Вардар Неготино ја преполови негативата, 16-13.

Опуштањето во вториот дел скапо можеше да ги чини домаќините. Избраниците на Грчевски имаа „црна дупка“ во играта и неготинци успеаја да израмнат на 18-18 во вториот дел.

Иако домашните повторно го преземаа водството, тоа не им гарантираше мирна завршница. Водеа со два или три разлика, а по 26-22, Ташев погоди за 26-24 на седум минути до крајот.

Тука како да застанаа неготинци и не погодија до крајот на мечот, а домашните стрелаа пет пати за нова суперлигашка победа. Најдобри стрелци беа Стефан Крстевски со 11 гола кај Бутел Скопје и Ѓорѓи Ташев со шест кај Вардар Неготино.