Бундес лигата ќе почека, Серафимов останува во Металург

Десниот бек на Металург, Мартин Серафимов ќе продолжи да го носи дресот на тимот од Автокоманда и ќе биде дел од проектот кој го гради поранешниот шампион на Македонија под водство на тренерот Иван Марковски.

После потпишувањето на договорот со Златко Хорват и официјализирањето на тригодишната соработка со Марковски сега може да се очекува и продолжување на соработката со Серафимов кој откако ги мина младинските тимови на Металург стигна и до првата екипа.

Сезонава Серафимов доби комплетна шанса и минутажа така што доби можност да го покаже целиот свој потенцијал. Добрите игри секако беа забележани и од други тимови, па пред извесно време се појави информација дека за неговите услуги е заинтересиран тимот на Хамбург.

Очигледно дека засега од трансферот нема да има ништо и дека во Автокоманда ќе има подобри денови така што ова сигурно ќе биде причина и за засилување на тимот и за останување на ракометарите кои играа во последната сезона. Металург гради тим кој ќе може да влезе во трка за титулата. Серафимов е секако важна алка во градењето на новиот состав така што ќе биде од големо значење неговото останување во Автокоманда.