Поранешниот европски првак Будуќност стартуваше со подготовките за новата сезона, во која ќе има задача да оствари подобар пласман во Лигата на шампионите во однос на минаната сезона кога клубот од Подгорица беше елиминиран уште во групната фаза во елитното европско натпреварување.
Во тимот на Бојана Поповиќ, која останува на кормилото на црногорскиот првак, пристигнаа неколку домашни и странски засилувања.
Средниот бек, Матеа Плетикосиќ, повторно доби зелено светло од Крим да оди на позајмица во Будуќност, па така ракометарката од Хрватска со двојно државјанство ќе ја одигра седмата сезона во најтрофејниот клуб од Црна Гора.
Раководството на клубот за новата сезона ја ангажираше јуниорската репрезентативка на источниот сосед на Македонија, Мари Пламенова Томова, репрезентативките на Црна Гора, Милена Раичевиќ и Ванеса Аговиќ, кои се повратнички во тимот, младата ракометарка Ивана Годец и репрезентативката на Бразил, Андриана Кардосо де Кастро.
Од Будуќност си заминаа голманката Атастасија Бабовиќ и десното крило Бруна Зрниќ, додека клубот претходно го напуштија и Валерија Маслова, Татјана Брновиќ и Ивана Митровиќ.
Во новата сезона од Лигата на шампионите, Будуќност ќе игра во група Б заедно со Ѓер, Рапид Букурешт, Мец, Сторхамар, Есбјерг, Кастамону и Локомотива Загреб.