Брестовац: Утре да стигне повик – Македонија е спремна за настап на СП!

Сениорската репрезентација на Македонија ја доби првата контрола против селекцијата на Чиле со четири гола разлика откако денеска успеа да дојде до победа од 25:21.

Играјќи без капитенот Лазаров, кој беше поддршка само од клупата, репрезентативците во мирна игра одиграа добар натпревар од кој селекторот Данило Брестовац ќе треба да ги извлече и добрите и лошите страни во играта.

Тој смета дека не била лесна победата над Чиле.

„2019 година на СП губевме два разлика во финишот, значи Чиле не е наивна репрезентација. Јас знаев добро што ме чека кога се нафатив да ја работам оваа работа и мене ми недостига оној ритам – ЕП, па СП, зошто на овие играчи кои немаат забелжителни настапи во клубовите им се потребни овие минутажи и сега имаа драгоцено искуство. Мора да се научат да играт зрело, паметно, да се научат на ротации, оваа генерација сакаме или не сакаме да признаеме мора брзо да расте, не можеме да ги чекаме долго време, бидејќи имаме големо растојание меѓу генерациите што не можеме да го покриеме. Затоа инсистирам на вакви собири, можеби за дел од играчите е напорно разбирам, ама за некои не разбирам. Мора да сме почесто заедно и да видиме кој со кого ќе може да соработува, да се воигруваме. Сите се на некој тест, мора да создадеме група што би била компатибилна и може да игра на вакви натпревари“, вели Брестовац.

Селекторот е задоволен од реализацијата на крилните ракометари, но бековите се уште се бараат.

„Јас мислем дека и ротациите на бековите придонесува за несигурноста во нападот. Одбранбено сме ок, но напаѓачки далеку сме во овој момент од добра репрезентација. Се уште ни се потребни Лазаров, Пешевски, Стоилов, Георгиевски, Манасков…за да одиграме квалитетен напад. Од моја гледна точка тоа е така поради големиот јаз меѓу генерациите, тоа е проблемот. Сме немале порано вакви собири кога играчи како овие што сега играа. Не само да растат преку клубови, туку и на репрезентативно ниво“, продолжува Брестовац.

Имаше некои играчи на овие подготовки што се дебитанти, но селекторот вели дека секогаш има увид во нивните квалитети. Вели дека напаѓачки можеме многу повеќе.

„Јас точно знам за што се работи, јас точно имам увид во ракометарите што доаѓаат од помладите категории и преку подготовките имам увид во нивниот квалитет. Точно знам што може да дадат и многу ми е полесно, знам кога да ги уфрлам, исто како кога сложуваш мозаик. Кузманоски и Костески одиграа квалитетни минути и задоволија со тоа што го покажаа, бековите уште се бараат. Мислам дека напаѓачки ние можеме многу повеќе од тоа што го дадовме вечерва, а Чиле не може. Во одбраната секогаш може исто така да се напредува, иако морам да кажам дека имаме одлични голмани. Јас се подгтовував за Чиле од сите снимки што ги имав за нив, и не се договоравме како да играме пред натпреварот. Мене ми е многу потешко да гледам што играат ракометарите во клубовите за да можам да ја наместам играта во репрезентацијата. Проблемите во нападот се само поради малата минутажа на дел од ракометарите во клубовите и би сакал да ги замолам медиумите да извршат притисок, македонските играчи да добиваат поголема минутажа отколку странците. Мораме да бидеме покритички настроени кон странците кои им ги земаат местата на македонските играчи“, вели Брестовац.

Селекторот вели дека ако утре дојде повик од ИХФ, нашата репрезентација е подговена за настап на Мундијалот.

„Желба за СП постои, мене ми е најмногу криво што не играме во Египет. Мене и на Кире Лазаров ни беше прво СП во Египет 1999 година. Но не размислувам за тоа, размислуваме како да напредуваме повеќе. Сум бил како играч, би било убаво за мене да отидам и како тренер. Но ние сме подготвени за настап, дури и ако утре стигне повик. Секако дека овој список би претрпил промени, заврши Брестовац.

Македонија и Чиле ќе одиграат уште еден контролен натпревар на 10 јануари, кој ќе биде последна проверка за јужноамериканскиот тим пред Мундијалот во Египет.

Мирна игра, заслужена победа: Македонија подобра од Чиле во контролата пред СП (ФОТО)