Селекторот на Македонија, Данило Брестовац на собирот пред почетокот на подготовките за Европското првенство во Австриа, Норвешка и Шведска ги има ракометарите од кои се очекува во следниот период да се наметнат за да се изборат за место во тимот кој ќе настапи на шампионатот.
Повеќето од нив се помлади играчи, но сите се веќе докажани и биле дел од младинските селекции така што добро знаат како е да се носи дресот со националниот грб.
„Акцентот ќе биде ставен повеќе на пријателски средби. Оваа недела ќе ја одработиме со ракометари кои се како дел од Б репрезентацијата, па ќе видиме кој од нив може да се наметне и да ни заврши работа. Ќе се види и кој ќе ни се придружи на завршните подготовки во Словенија. Имаат четири натпревари за да ме убедат дека можат да бидат членови на А репрезентацијата. Може звучи грубо, А и Б селекција, но со мене секогаш ќе биде така. Мора да се знае да се категоризираат играчите. Знаеме дека имаат проблеми со мала минутажа во клубовите. Сепак, мораат да бидат реални и на овие натпревари да ме убедат дека заслужуваат место на Европското првенство“, изјави селекторот Данило Брестовац.
За настапите на шампионатот вели дека акцентот е ставен на првиот дуел, а потоа сè ќе се мести во зависност од тоа како ќе се движат резултатите и на другите средби.
„Мене секогаш ме интересира првиот меч на првенството. Во прв план ми е натпреварот против Украина. После ќе биде поинаку. Ќе видиме како ќе одат работите на другиот меч и откако ќе знаеме како ќе се одвива резултатот на Чешка – Австрија ќе знаеме каде да ставиме акцент. Целта е да се влезе во вториот круг. Знам дека е тешко. Групата можеби не е атрактивна, но можеме да видиме колку ни значи ова прво место во групата од квалификациите и натпреварите со Исланд. Ова се селекции кои можеме да ги добиеме. Подобри сме од нив иако имаме проблеми со ракометари кои не играат во своите клубови. Сепак, мислам дека имаме квалитет и потенцијал. Можеби ќе проработи и нашето дека треба да се наметнат и да играат во своите клубови. Правам паралела за да ги мотивираме и самите тренери во клубовите. Ова Европско првенство може да ни донесе и позитивни работи. Очекувам дека на овој шампионат ќе блесне некој од младите играчи. Не велам дека ова е последна шанса, но искрено се надевам дека редно време е некој да исплива на површина“, коментираше Брестовац.
Репрезентацијата во вторник заминува за Србија каде ќе игра две средби против репрезентацијата на Кувајт. Оттаму ракометарите се селат во Букурешт. Во Романија учествуваат на трофеј „Карпати“, а на 28 декември ќе играат против селекцијата на Алжир.