Бразилска легенда стана соиграч на Мркиќ во Ериче

Една од најдобрите голманки на светот и поранешна репрезентативка на Бразил, Чана Масон, иако има 43 години, сѐ уште е активна на ракометните терени.

Искусната голманка во понатамошниот тек од годинешната сезона ќе го носи дресот на италијанскиот Ериче, клуб во кој настапува и македонската интернационалка Савица Мркиќ.

Раководството на Ериче преку клупската страна официјално го потврди трансферот на Масон во нивните редови и ја најави како големо засилување, со кое ќе атакуваат на пласман меѓу првите четири екипи во домашниот шампионат.

Масон од 2019 до 2021 настапуваше во ЦСКА Москва и беше една од најзаслужните за пласманот на московската екипа на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во сезона 2020/21.

Во својата кариера го носеше дресот и на Елче, Феробус Мислата, Лајпциг, Рандерс, Виборг, Одензе, Сторхамар и Елит. За репрезентацијата на Бразил играше од 1999 до 2012 година.