Ракометарите на Охрид во недела, во рамките на 12 коло од плеј-офот во Супер лигата, на домашен терен го пречекуваат тимот на Пролет.
За охриѓани, кои се уште се во игра за место во Европа, ова е натпревар на кој што треба да се победи.
Кружниот напаѓач на Охрид, Владимир Бојаниќ, вели дека екипата е подготвена за натпреварот и се надева дека водени од домашната публика ќе забележат победа.
„Имавме репрезентативна пауза во која интензивно се подготвуваме за натпреварот со Пролет. Тие се една искусна екипа, играат одлична одбрана имаат добро развиена полуконтра и не би ги потценил никако. Во Скопје загубивме, ни одзедоа три бода, така да ние ќе се обидеме да одиграме најдобро што можеме и да се реваншираме за тој пораз. Треба да одиграме во одбраната како што изигравме на последните три натпревари на домашен терен на кои победивме и да бидеме смирени во нападот. Ги повикувам сите љубители на ракометот да дојдат во што поголем број во сала, да ни ја дадат поддршката и заедно да славиме“, изјави Бојаниќ.
Првиот дуел помеѓу овие две екипи, одигран кон крајот на март, во Скопје, му припадна на тимот на Пролет.
По 11 одиграни кола Охрид е на петтата позиција со 12 бода, додека Пролет е последен со 6 бода.
Натпреварот меѓу Охрид и Пролет се игра во недела, 7 мај, со почеток во 18:30 часот, во спортската сала „Билјанини извори“.