Екипата на Радовиш си обезбеди опстанок во Супер машката лига откако имаше долга борба во плеј-аут лигата и го доби баражот против Шампион, но во новата сезона тимот ќе влезе со нов тренер бидејќи не падна договор за продолжување на соработката со Андон Бошковски.
Тренерот кој ги крена ракометарите и ги предводеше до обезбедување на опстанокот во Супер лигата си заминува. Тој добил понуда за да продолжи со работата во Радовиш, но не паднал договор така што раководството ќе треба да побара нов стратег. Бошковски дојде во клубот во текот на сезоната откако тимот се најде во тешка позиција и имаше лоши резултати. Под негово водство дојде до опстанок така што имаше голем удел и помогна многу во остварувањето на целите.
Добрата работа во овој тим и претходно со КЛ 7 му донесе номинација на Андон Бошковски во изборот на 24Ракомет за најдобар тренер во сезоната. Тој е дел од групата од пет тренери за кои може да се гласа деновиве.
Инаку, тимот на Радовиш неделава ги продолжува договорите на ракометарите кои настапуваат за клубот. Досега потписот на нов договор го ставија Органџиев, Постолов, Ристов и Ѓоргиев.