Во рамките од Првата ракометна лига се сретнаа екипите на Јуниор Кисела Вода и Аеродром, а на крајот победата ја однесе гостинскиот тим со резултат 18:24.
Почетокот на натпреварот донесе ефикасна игра, па во првите четири минути видовме по три гола на двете страни. Ратко Димовски, Печенковски Горан и Филип Николов ги постигнаа првите голови за домаќините додека за гостите од Аеродром тоа беа Иван Митревски, Давид Олтовски и Бојан Николовски.
После ефикасниот старт следуваше период од пет ипол минути без ниту еден гол на двете страни. На почетокот на 10-тата минути Филип Николов погоди за враќање на водството на Јуниор.
Се до 18-тата минута ниту една од двете екипи не успеваше да направи поголема разлика од еден гол. Тогаш Аеродром за првпат поведе со 5:7. Веќе во следниот напад гостите стигнаа и до три гола предност, па на десет минути до крајот на првиот дел беше повикан првиот тајм-аут кај домаќините. Успеа Јуниор да се врати до еден гол разлика 8:9. Меѓутоа до крајот на полувремето одново Аеродром ги врати највисоките три гола предност до тој момент со кој се замина на пауза (10:13).
Тргнаа добро „јуниорци“ на стартот од вториот дел постигнаа два гола со кои се вратија на -1. Но, повеќе не можеа Аеродром првиот гол во вториот дел го постигна после пет минути игра , за потоа по еден не реализиран напад на домаќините голманот Богдановски Марко да ја врати предноста од три гола. Бојан Шумоски во следниот напад на Аеродром погоди и за највисоки до тој момент +4.
Тие моменти од првиот дел се покажаа и како одлучувачки за крајниот исход, Јуниор не успеа да се врати, па Аеродром без проблеми ја одржуваше предноста, за во последните десет минути да влезе и со пет гола предност. (15:20).
Веќе беше јасно каде одат бодовите од оваа средба, па прашање беше само разликата со која ќе победат гостите. На крајот конечниот резултат гласеше 18:24. Најефикасни во редовите на Аеродром беа Иван Митревски и Ивица Дукоски со по пет гола, голманот Богдановски собра 18 одбрани, а на спротивната страна Филип Николов постигна седум гола.