Ракометарите на Еурофарм Пелистер не дозволија никакво изненадување и остварија нова лесна и убедлива победа во 18. коло од Супер лигата. Екипата предводена од Жељко Бабиќ на гостувањето кај Скопје победи со 17:32, што е втор триумф во два дена по вчерашниот против Охрид.
Во првиот дел резултатот најчесто беше израмнет, ракометарите на Скопје добро се спротивставуваа на големиот фаворит на овој дуел. После десет минути игра беше 4:4, а за првпат два позитива Еурофарм Пелистер имаше во 18. минута кога водеше 6:8.
Избраниците на Адријана Будимир веднаш се вратија и повторно беа на нерешено. До крајот на првиот дел продолжи играта гол за гол, а на полувремето гостите обезбедија минимална предност. После 30. минути игра Еурофарм Пелистер имаше 13:14 предност.
Почетокот на второто полувреме ги реши сите дилеми околу победникот. Еурофарм Пелистер заигра на повисоко ниво, одбраната беше непробојна а во напад имаа сигурна реализација. Скопје не успеа да постигне гол 18. минути за Киселовски во 48. минута да ја прекине серијата.
Еурофарм Пелистер за овој период од второто полувреме постигна 13 гола и го реши натпреварот. До крај опуштено одиграа гостите за сигурна победа и одржување чекор со главниот конкурент Вардар во Супер лигата.
Најефикасни во составот на Скопје со по три гола беа Киселовски, Александар Василевски и Филип Василевски. За тимот на Еурофарм Пелистер Ненад Костески со шест гола беше прв стрелец на натпреварот.
Ова беше добро загревање за битолчани, кои веќе в понеделник ги чека двобој од регионалната СЕХА лига против Партизан.