Ракометарите на Тиквеш остварија важна победа над Еурофарм Пелистер 2 со 24-22 и остануваат во трка за место во разигрувањето за титулата во суперлигашкото друштво.
Еурофарм Пелистер 2 имаше контрола на стартот на теренот и водеше со три гола, 3-6. Набрзина домашните израмнија на 6-6, беше и 9-9, а иако домашниот голман Стојаноски бранеше добро во овој период, неговите соиграчи тешко погодуваа во нападот.
Затоа на спротивната страна избраниците на Александар Јовиќ реализираа и повторно се одлепија на плус три, 9-12, а на пауза гостите заминаа со истата предност откако погоди Павле Атанасијевиќ.
Во вториот дел, беше 13-16, а крилото Кондев со серија од три гола донесе реми, 17-17. Сепак битолчани не попуштаа, Трајкоски сопре неколку удари на домашните, па поведоа со 18-20.
Ниту кавадарчани не се откажуваа од позитивен резултат, па со серија од три гола стигнаа до комплетен пресврт. Велков одбрани шут на гостите, Стефановиќ преку контра донесе 21-20 за Тиквеш, но гостите преку Петровиќ израмнија.
Беше 21-21, гостите имаа шанса за водство, но згрешија во напад и Тиквеш казни за 22-21, а потоа домаќините дадоа уште еден гол и тука беше крајот на надежите на битолчани за позитивен резултат.
Дарко Кондев даде шест гола за Тиквеш, а Евгенија Темелкоски и Страхиња Симиќ имаа по четири, додека кај Еурофарм Пелистер 2 се истакнаа Павле Атанасијевиќ и Павле Петровиќ, кои стрелаа по пет пати.