Ракометарите на Еурофарм Пелистер во дерби дуелот против Вардар триумфира со 26:23 и уште два натпревари од суперлигашкиот плеј-оф ги дели до долго посакуваната титула.
Битолчани повеќе од 18 години се желни за шампионскиот пехар, кој последен пат беше освоен во далечната 2005. Еурофарм Пелистер во последните две кола игра против Охрид и Тиквеш и доколку не направи кикс, тогаш во Битола ќе има голема ракометна радост.
Екипата на Вардар погоди во првиот напад преку Талески за 1:0, но ,,фармацевтите” со голот на Хенеберг од пенал бргу возвратија за 1:1. Откако Вардар во уште два наврати беше во предност (2:1, 3:2), домаќините со два гола во низа најпрво изедначија на 3:3, потоа за првпат поведоа со 4:3. Од тој момент домаќинот влезе во посакуваниот ритам, ги користеше исклучувањата во редовите на гостинот и по нерешените 5:5 успеа да се одлепи на 7:5 во 10-та минута, а минута подоцна Хосни со својот втор гол донесе ,,плус три” за домашниот табор 8:5.
По налетот на домаќините, тренерот на Вардар, Владо Недановски, повика тајм-аут, со цел неговите избраници да се вратат во игра. Одбрамбената зона 5-1 на домаќините даде резултат, па така Еурофарм Пелистер дојде и до четири гола позитива, 9:5. Вардар преку Талески и Георгиевски ја прекина одличната серија на домаќинот и со мини серија намали на 9:7. Во 18-та минута при предност од 10:7 за Еурофарм Пелистер повреда заработи ракометарот на Вардар, Леонардо Дутра.
Вардарци никако не можеа да дојдат до камбек и на речиси девет минути пред крајот тимот на Еурофарм Пелистер ги врати максималните четири гола разлика, 12:8. Ракометарите на Јовиќ со одличната одбрана во 25-та минута дојдоа до дотогаш највисоките ,,плус пет” 13:8. Гостинот од Скопје за само една минута успеа да ја преполови негативата и да се доближи на 13:11. Тимот на Недановски до крајот на полувремето постигнаа уште еден гол, а резултатот по 30 минути игра беше 13:12 во корист за пелистерци.
Манасков на почетокот на вториот дел со својот 4-ти гол донесе израмнување на резултатот 13:13. По нерешените 15:15, гостите имаа напад за прво водство по долго време, но голманот Лесјак не дозовли да биде совладан. Играта гол за гол продолжи во следниот период, така што во 38-та минута резултатот беше 17:17. Еурофарм Пелистер за четири-пет минути направи серија од 4:0, поведе со 21:17 во 43-та минута. Како одминуваше времето, секој потег имаше шампионска тежина.
Вардар со погодоците на Јагуриновски, Талески и Георгиевски во 50-та минута намали на само гол негатива, 21:20. Пелистерци во клучните моменти постигнаа два гола, дојдоа до 23:20 и до крајот беа подобриот противник на теренот, максимално ги користеа грешките на ривалот и заслужено триумфираа во големото дерби.
Победничката екипа беше предводена од десниот бек Усама Хосни и десното крило Ненад Костески. Двајцата ракометари постигнаа по шест погодоци, пет реализации имаше Себастијан Хенеберг, четири пати во листата на стрелци се запиша Мохамед Суси.
Кај Вардар најефикасни беа Филип Талески со шест и Дејан Манасков со пет погодоци. Останатите ракометари од вардаровата клупа целосно потфрлија.