Репрезентацијата на Литванија обезбеди настап на Европското првенство 2020 иако на последниот квалификациски натпревар беше поразена од Португалија со 25:30. Литванија се најде меѓу четирите најдобри селекции кои завршија на третото место од групите во квалификациските натпревари така што успеа да заврши меѓу 24-те учесници.
Предводникот на селекцијата на Литванија, Аиденас Малашинскас ги сподели своите впечатоци по одиграниот натпревар, но и позитивниот хаос од нивната соблекувална.
Збунето, во шок, и со мобилните в рака, Литванците по натпреварот ги прегледуваа сите страни на ЕХФ, резултатите од сите натпревари, а потоа го видоа и официјалното соопштение дека ќе учествуваат на едно европско натпреварување, вторпат во нивната историја.
„Кога веќе беше јасно дека поразот е неизбежен, се свртев кон лицата што седеа на клупата, но тие само кренаа раменици. По натпреварот сите се собравме во соблекувалната, започнавме да ги користиме своите мобилни. Гледаме: Украина изгуби – добро, Швајцарија изгуби – добро, Црна Гора победи, тогаш настана нашата радост, но уште чекавме. Подоцна го видовме и официјалното соопштение дека сме учесници”, изјави Малашинскас.
Литванија во далечната 1998 година го имаше единствениот настап досега на Европските првенства.