Тимот на Еурофарм Пелистер го очекува претпоследниот натпревар од групната фаза во Лигата на Европа.
Битолчани гостуваат кај незгодната унгарска Татабања, која беше совладана во првиот меч со убедлива разлика, 33-20.
Тренерот Жељко Бабиќ вели дека сите мораат да бидат фокусирани на своите задачи и да ја задржат тимската игра.
„Играчите покажаа карактер, страшна тимска игра, добра во одбрана, ментална цврстина. Одиграа скоро перфектен натпревар против Кадетен и ги покажаа своите индивидуални и тимски вредности. Ништо не е готово, уште се игра, имаме уште две кола, математички не сме го осигурале пласманот понатаму, па мораме да бидеме фокусирани секој на својата задача, ментално цврсти и да го задржиме она што не краси – тимската игра“, вели Бабиќ.
Хрватот предупредува дека овој натпревар сигурно нема да биде лесен како оној во Битола.
„На првиот меч ние бевме во налет, сега е нов натпревар. Имаме доста проблеми во тимот и не смее никој да мисли дека ќе биде слично како во Битола. Татабања е одличен тим, со играчи што играат добро еден на еден, со одличен тренер. Тие немаат шанси за осминафинале, но имаа проблеми и затоа останаа долу на табелата. Тоа е тим што заслужува голем респект и не очекува еден баш европски натпревар“, заврши Бабиќ.
Натпреварот меѓу Татабања и Еурофарм Пелистер се игра во вторник со почеток во 18:45 часот.