Бабиќ: Играчите беа фантастични, ова е нивна голема победа!

Еурофарм Пелистер забележа важна победа во натпреварот од Лигата на Европа против составот на Кадетен Шафхаузен со 27:26. Тимот од Битола водеше во најголемиот дел од натпреварот а на крај победи само минимално.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Жељко Бабиќ имаше свое видување на натпреварот и пред се беше задоволен од карактерот што го покажаа неговите играчи.

„Мислам дека во овој момент најважно е што покажавме страшен карактер. Секогаш е тешко против Шафхаузен,  имаме многу повредени играчи и имаме играчи со корона. Не сме во тренажен процес, односно воопшто не тренираме. Затоа ова е голема голема победа од играчи кои пред сè беа фантастични. Лигата на Европа продолжува, утре е нов ден и ни следат нови подготовки. Во овој момент не размислуваме за првото место, најпрво треба да ги одмориме играчите а ни претстои дуел од Супер лигата во петок и се фокусираме на тоа“, изјави Бабиќ.

Во следното коло од Лигата на Европа, Еурофарм Пелистер ќе гостува на Татабања на 1. март и ќе се обиде со нов триумф да се искачи на првото место на табелата.