Тимот на Прилеп во првото коло од суперлигашката конкуренција прослави победа во дуелот против Бутел Скопје, 28-27, иако во поголем дел од мечот имаше негатива.
Избраниците на Божидар Мојсов, кој дебитираше со три бода, во финишот направија херојски пресврт и со голот на Рајатоски победија.
Голманите на Прилеп, Давид Ацевски и Иван Ангелески не се прославија многу, но дадоа значаен придонес во победата, бидејќи и во првиот и особено во вториот дел кога се кршеше реултатот, имаа клучни интервенции.
,,Мислам дека борбеноста победи пред сѐ, одбраната беше на едно високо ниво, се поддржувавме меѓу себе, среќни сме, одиме чекор по чекор и се надевам дека од натпревар во натпревар ќе растеме и ќе играме уште подобро. Борбеноста, сплотеноста и одбраната беа клучен фактор за добиената битка против искусниот ривал од Скопје”, изјави Ацевски.
Прилепчани во второто коло гостуваат во Скопје кај Пролет, кој исто така имаше победнички старт во новата сезона. Младиот голман се надева дека и на овој дуел заедно со неговите соиграчи ќе покажат максимална борба.
,,Пролет е слична екипа како Бутел Скопје, континуирано се меѓу најдобрите екипи во нашата лига, во неделата пред нас ќе се подготвуваме за нив и секако, ќе се обидеме да ги совладаме, ќе го оставиме срцето на терен и на тешкото гостување”, заврши Ацевски.
Мојсов: Не е важно колку падови имавме, туку колку пати се вративме – играчите изгинаа на терен!
Рајатоски е меч-винер: Херојски пресврт на Прилеп за три бода против Бутел!