Во пресрет на почетокот на Светското првенство во Полска и Шведска, ширум светот се играат пријателски натпревари за темпирање на формата.
Денес на програмата беа неколку интересни натпревари, каде имавме можност да го погледнеме и настапот и Аргентина, која е еден од ривалите на Македонија во рамки од групната фаза на СП.
Аргентина во пријателскиот дуел против Бахреин славеше со четири гола разлика, 31:27. Избраниците на Гиљермо Милано на полувреме имаа предност од 16:12.
Јужноамериканската селекција пред настапот на СП ќе тестира и против селекциите на Шпанија и Романија.
Црна Гора и Катар, кои исто така ќе учествуваат на Мундијалот, на вториот контролен дуел одиграа без победник, 23:23. Првиот дел го го доби црногорската селекција, која на пауза замина со минимална предност од 11:10.
Одлична партија имаше Милош Вујовиќ со 11 погодоци, додека на голот Небојша Симиќ запиша 14 интервенции. Ракометарот на Еурофарм Пелистер, Мирко Радовиќ беше стрелец на еден гол.
Русија и Белорусија иако нема да играат на СП поради санкциите на ИХФ, не ги изоставуваат репрезентативните собири. Двете репрезентации денес ги одмерија силите, а исходот од соседскиот дуел го доби „зборнаја“ со 28:23.