По пауза од три години, Горан Андоновски се враќа на кормилото на својот Охрид. По одлично завршената работа во Тиквеш од Кавадарци, Андоновски реши да прифати нов предизвик и да се врати дома.
Со нова управа и многу нови ракометари, како и целосно нов стручен штаб, Охрид ќе тргне во подготовките за следната сезона, во која амбициите ќе бидат високи. Андоновски е среќен што се враќа дома.
„Најпрвин, им се заблагодарувам на РК Тиквеш на незаборавната сезона и се надевам дека РК Тиквеш ќе добие вајлд карта за излез во Европа што потполно го заслужи тоа со игрите и резултатите. Бев презадоволен од соработката, но исклучиво поради семејни причини го напуштам клубот со кој сум под договор и им благодарам за разбирањето. Охрид и охриѓани заслужуваат полна сала зошто ракометот е број еден не само во Охрид, туку и во Македонија. Се надевам заедно со управата ќе успееме во тоа. Искрено едвај чекам да почнам да работам со одредена група млади деца уште од јуни. Најмногу ми е жал од златната генерација на младинците ги изгубивме Мартин Ивановски и Михаил Иваноски, но не по кривица на новата управа. Спремен сум за работа, победи и успеси“, вели Андоновски.
Спортскиот директор на Охрид, Славчо Ристески, исто така е пресреќен што ракометната икона на градот се врати дома.
„Голема благодарност до Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков за неизмерната поддршка што ја дава за ракометот во Охрид. Охридската публика заслужува подобри резултати, пласманот во плеј офот за наредната сезона со овој тим кој ќе биде претставен во наредните денови треба да биде обезбеден, но мора да атакуваме и за местата што обезбедуваат пласман во Европа. Охридската публика ги памети дуелите со Волендам во 2017 година и тој успех сакаме да го вратиме во градот час поскоро. Со помош на навивачката група „Рибари“ кои даваат секогаш ветар во грб на тимот да славиме многу победи и успеси“, вели Ристески.
Од играчкиот кадар заминуваат дури 11 ракометари, а нивните места ќе бидат пополнети со засилувања што треба да бидат промовирани следниве денови.