Ракометарите на Охрид пред својата публика запишаа важна победа против Тиквеш со 22:21 во натпревар од 10. коло од суперлигашкиот плеј-оф.
Сега Охрид ја презеде 4. позиција на табелата во суперлигашкиот плеј-оф, на свое конто има 12 бодови, Тиквеш останува на 11. Во игра за Европа се наоѓа и Бутел, кој во однос на Охрид заостанува со два бода.
Тренерот на Охрид, Горан Андоновски смета дека до последното коло ќе биде неизвесно која екипа ќе обезбеди пласман на европска сцена.
„Спортот е една тешка и неблагодарна работа, бидејќи овие исти играчи пред две недели беа омаложувани од сите, заедно со мене на чело, но за две недели направивме еден огромен пресврт и сега реално заедно со Тиквеш и Бутел имаме шанси до самиот крај да се бориме за Европа. Тоа за Охрид беше незамисливо во последните четири до пет години. На сите останати, четири дуели, одиме на победа, дури и на натпреварот со Алкалоид ќе пробаме да изненадиме. За пласман во Европа може да одлучува последното коло со Бутел во Скопје, но пред сѐ, во Охрид имаме уште два ракометни празници на ракометот. Во месец мај дома играме со Пролет и со првиот тим на Еурофарм Пелистер, сигурно ќе бидат празник на ракометот, виде охридската публика дека гинеме за овој клуб и ќе продолжиме до крај. Покрај добрата одбрана во вториот дел, имавме расположен голман, тоа беше клучно, но и срцето, желбата, мотивацијата на играчите. Тие го дадоа својот максимум и Охрид со оваа публика заслужува да игра во Европа, направивме нова екипа од летото и успеавме да се вклопиме и до самиот крај ќе биде неизвесно”, изјави Андоновски.
Десниот бек Дејан Шешиќ беше меѓу подобрите во победничката екипа.
„Го оставивме срцето на терен, покажавме дека Европа ни е многу блиску и направивме голем чекор кон тоа. Имавме некои лоши резултати на почетокот, но на домашен терен им париравме на сите. На денешниот дуел промашивме зицери во финишот, но тоа го вративме со одбраната. Сметам дека одбраната беше клучна за тирумфот и на последните три домашни натпревари одигравме одлично во одбраната, со малку примени голови”, изјави Шешиќ.
Следен ривал на Охрид е моментално третопласираниот тим Алкалоид, кој во претходното коло загуби од Еурофарм Пелистер.
Охрид фаќа залет кон Европа, Тиквеш на колена во трилер меч!