Словенечкиот шампион Крим денеска ги стартуваше подготовките за новата сезона, во која ќе атакува на повисок пласман во Лигата на шампионите. За таа цел, раководството на клубот ангажираше неколку звучни засилувања.
Во клубот од Љубљана пристигнаа и двете поранешни ракометарки на Вардар, Јованка Радичевиќ од Кастамону и Барбара Лазовиќ од романски ЧСМ Букурешт, а во Крим веќе една сезона настапува и репрезентативката на Франција, Алисон Пино, која исто така го носеше дресот на „црвено-црните“.
Раководството на клубот за новата сезона ја ангажираше и руската репрезентативка, Дарија Дмитриева, потоа Матеа Плетикосиќ од Црна Гора, интернационалката од Полска, Александра Росијак и репрезентативката на Чешка, Сара Коварова.
Тренер на екипата во новата сезона ќе биде поранешниот селектор на Црна Гора, Драган Аџиќ, кој моментално е селектор на женската сениорска репрезентација на Словенија.
Крим во новата сезона во Лигата на шампионите ќе игра во група А заедно со Вајперс Кристијансад, Оденсе, Битигхјам, Брест Бретањ, ФТЦ Будимпешта, Бањик Мост и ЧСМ Букурешт.