Поранешниот репрезентативец на Македонија, Стевче Алушовски, се враќа во македонската елита и во наредните три сезони ќе го предводи амбициозниот тим на Охрид, кој посакува подобри резултати во иднина, но и излез на европска сцена.
Алушовски откако во месец ноември минатата година го напушти исландскиот Тор Акурејри немаше клупски ангажман во изминатиот период.
Понудата од Охрид, но и големиот проект на охриѓани, беше причина Алушовски повторно да биде предводник на македонски клуб.
Новиот тренер на Охрид истакна дека целта е да се создаде квалитетен и стабилен тим.
,,Среќен сум што повторно после двегодишна пауза се враќам во македонскиот ракомет, а посебно затоа што го преземам амбициозниот проект на Охрид. Во разговор со градоначалникот на Охрид г-дин. Кирил Пецаков и се она што ми беше презентирано како идни планови на клубот претставуваат убав и голем предизвик за мене да сите заедно направиме од Охрид репрезент на градот кој несомнено сака спорт и знае што е квалитетен спорт. Среќен сум и возбуден бидејќи претстои макотрпна работа на сите во клубот да го доведеме Охрид на едно повисоко скалило односно клуб кој ќе настапува во Европа и достојно ќе го репрезентира македонскиот и охридскиот спорт”, изјави Алушовски.
Искусниот стратег тренерска кариера ја градеше во Пелистер, односно во тогашниот тим на Еурофарм Работник, како и во Вардар, додека на интернационално ниво имаше забележителни резултати во исландскиот Тор Акурејри.