Ракометарите на Струга, кои на претходните два натпревари против Куманово и Вардар Неготино дојдоа до триумф, во рамки од 10. коло во Суперлигата на свој терен ќе го пречекаат тимот на Бутел, кој моментално е позициониран на 4. позиција на табелата.
Кружниот напаѓач на Струга, Богдан Ѓуровиќ истакна дека со неговите соиграчи ќе треба максимално да се потрудат во одбраната, но и да одиграат на високо ниво во нападот за да ги освојат трите бода.
,,Мислам дека не очекува многу важен и тежок натпревар. Бутел е одлична екипа, која има големо искуство, но верувам дека и нашиот тим има многу квалитет и дека може да ја продолжиме победничката серија и да оствариме победа пред домашната публика. Дефинитивно, доколку сакаме да победиме, треба да одиграме цврсто во одбраната цели 60 минути и да бидеме сконцентрирани во нападот. Резултатот од првиот натпревар покажува дека може да се носиме со тим како Бутел. Според мене, најопасни сегменти во играта на Бутел се кружниот напаѓач Владимир Јевтиќ и левиот бек Мартин Манасков. Бутел освен во нападот, добро е организиран и во одбраната. На Бутел исто така му се потребни овие три бода, па верувам дека и двете екипи ќе дадат сѐ од себе и ќе приредат одличен натпревар за публиката” изјави Ѓуровиќ.
Црногорскиот интернационалец верува дека Струга може да стигне до плеј-оф фазата.
,,На претходниот дуел, против Вардар Неготино, можеби нашиот квалитет требаше да ни донесе победа од повеќе голови. Во споредба со првиот дуел, екипата од Неготино има голем напредок. Останува некое жалење за пропуштените бодови што можевме да ги земеме против Бутел, Охрид и Прилеп, но нема време за враќање назад, тоа сега е зад нас. Атмосферата во тимот е одлична и силно веруваме дека можеме да стигнеме до пласман во плеј-оф фазата”, заврши Ѓуровиќ.
Натпреварот меѓу Струга и Бутел ќе се одигра денес, со почеток од 18:00 часот во спортската сала „Нико Нестор“. Првиот дуел меѓу двете екипи заврши со минимална победа на Бутел од 27:25. Стружани на свое конто имаат 13 бодови, додека Бутел два бода повеќе (15).
Блажески: Бутел има подолга клупа, но ќе дадеме сѐ од себе за да победиме