Аеродром покажа доминација против Партизан и дојде до петтиот триумф

Ракометарите на Аеродром во рамки од 8. коло од Првата лига беа сигурни против Партизан Гевгелија со 46:25 во натпревар од групата Б.

Денешната победа за Аеродром беше петта во новата натпреварувачка сезона. Во минатата сезона тимот не успеа да обезбеди пласман во Супер лигата, откако во бараж дуелот против Скопје загуби на пенали.

Избраниците на Дарко Петровски уште од стартот наметнаа брз ритам, се одлепија на 5:2 и како одминуваше времето предноста на Аеродром постојано се зголемуваше. Аеродром веќе кон средината на првото полувреме имаше 14:7 и рутински го одработи вториот дел од првото полувреме, па така на пауза замина со предност од 20:11.

Гостите од Гевгелија колку и да се трудеа да намалат и да ја преполоват негативата немаа доволни сили да се надигруваат против поискусниот противник, кој второто полувреме го одигра рутински. Петровски шанса им даде на сите ракометари од клупата, а во листата на стрелци се запиша и голманот Марко Богдановски.

Најефикасни во победничката екипа беа Јован Атанасовски и Андреј Петрески со по седум погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Горан Лисичков и Васил Зајков, кои имаа по шест реализации.

Во следното, 9 . коло Аеродром ќе гостува во Струмица кај Астраион, додека Партизан ќе се соочи со Голден Арт 2.