Уште од самиот старт на натпреварот можевме да видиме дека Николај Јакобсен ќе биде „насамарен“ од многу поискусниот колега, соочувајќи се со исклучително агресивна 6-0 зона, каде што шпанските крајни играчи и оние на позиција 2 и 5 со совршена длабока антиципација ги „натераа“ бековите на Данска да функционитраат на мал простор во средина на зоната, оставајќи, привидно, можност за „лесен пас“ за играчите од предната линија. Оваа тактичка поставеност на Ривера, имаше за ризик Данска да реализира од крилните позиции, Саугструп да има многу употребливи топки, но од друга страна беше замка за многу пресечени топки и дуели „еден на еден“ без добар залет и добра топка, а резултатот го видовме на крајот од натпреварот.
Ракометот уште еднаш ја покажа целата своја убавина, презентирајќи го целиот свој квалитет, возбудливост, атрактивност и незивесност, и докажувајќи дека, сè уште, е неоправдано надвор од големиот спортски циркус каде владеат бизнисот и финансиите. Виновникот за тоа каде е нашиот спорт е добро познат, но тоа е друга тема, синоќа го славевме спортот со сите свои убавини и придобивки. Синоќешните два полуфинални натпревари понудија сè што може еден врвен спорт, пресврти и победи на „аутсајдери“, индивидуални достигнувања, екипни рекорди, тактички надмудрувања и неизвесност.
Добредојдовте во мојата најнова ПРЕСИНГ колумна за ЕП во Унгарија и Словачка!
Шпанија ја совлада Данска и се пласира во големото финале. Наизглед, вообичаена вест од полуфинален натпревар каде се состануваат две големи селекции кои владеат со европскиот и светскиот ракомет. Но, уште во моментот кога Жорди Ривера го објави списокот на патници за ЕП, без пензионираните Раул Ентрериос и Дани Сармиенто и (не) оправдано отсутниот Алекс Дујшебаев, а продолжувајќи со нестабилните игри во првата и втората фаза од натпреварувањето, „фуријата“ несомнено се постави во улога на „лесна жртва“ за големата Данска. Тргнувајќи оттука, а како дополнително налевање „нафта на огнот“ во „изборот“ на Јакобсен во полуфиналето да настапи со преполовен состав и со тоа го одбра својот следен противник, шпанските ракометари без бреме на својот грб, мотивирани до крајни граници да го одбранат својот идентитет создаван години нананзад, скромно ја чекаа својата шанса против „несовладливата“ Данска, предводена од одморените Хансен, Саугструп и Гитцел и на голот најдобриот голман на денешницата, Никлас Ландин.
РИВЕРА ДОКТОРИРАШЕ СО АГРЕСИВНА ЗОНА НА ЕКСТРЕМНО ПОТЕНТНИОТ НАПАД НА ДАНСКА
Перез Де Варгас одбрани сè што може и треба да одбрани еден врвен голман, член на актуелниот европски првак, Гомес Абељо, поливалентен, „сече“ топки и поентира од брз центар, седмерци и од својата стандардна крилна позиција броејќи двоцифрено во погодоци, а преискусниот повеќекратен европски клупски (покрај тие на репрезентативно ниво) првак Жоан Кањелас „со одење“ ги поминуваше централните бранители на скандинавскиот „џин“ или наоѓаше „процеп“ помеѓу нивната зона да го солада Ландин. Сето тоа „стои“ и веројатно веќе го нотиравме синоќа. Но, како главен „виновник“ за синоќешната „сензација“ мораме нашите прсти да ги впериме кон велемајсторот Жорди Рибера, еден од основоположниците на системот кој владее со светот на ракометот, репродуцирајќи кадри кои сега ги водат најголемите свестки колективи. Уште од самиот старт на натпреварот можевме да видиме дека Николај Јакобсен ќе биде „насамарен“ од многу поискусниот колега, соочувајќи се со исклучително агресивна 6-0 зона, каде што шпанските крајни играчи и оние на позиција 2 и 5 со совршена длабока антиципација ги „натераа“ бековите на Данска да функционираат на мал простор во средина на зоната, оставајќи, привидно, можност за „лесен пас“ за играчите од предната линија. Оваа тактичка поставеност на Рибера, имаше за ризик Данска да реализира од крилните позиции, Саугструп да има многу употребливи топки, но од друга страна беше замка за многу пресечени топки и дуели „еден на еден“ без добар залет и добра топка, а резултатот го видовме на крајот од натпреварот. Овој натпревар можеше и многу побрзо да биде решен, доколку Шпанија ги искористеше шансите кои им ги „понуди“ Данска, и доколку на голот на Данците во првиот дел не стоеше големиот Никлас Ландин.
За одбележување на овој натпревар е дека, очекувано, Шпанија во напад играше исклучително мирно и трпеливо, потпирајќи се на искуството на Сармиенто и особено Кањелас, на ислучително мотивираниот (од тоа кој отсуствувал во селекцијата, мислејќи на Дујшебаев) Македа, но поддржани од младите сили на бековските позиции, НО и транзицијата која повремено и во одредени дози ја практикуваше Рибера, користејќи го најсилното оружје на противникот како против игра кон истиот. Видовме, неколку брзи центри, директни контри, полуконтри на одредена група играчи, штедејќи ги максимално силите и чувајќи го пред сè својот гол, и како краен резултат „спуштајќи“ ја потентната Данска на „само“ 25 постигнати погодоци.
ШВЕДСКА ГО ИМА ГОТФРИДСОН, ФРАНЦИЈА КАРАБАТИЌ, ДВЕ ВЕЛИЧИНИ ВО РАЗЛИЧНИ ПЕРИОДИ ОД СВОИТЕ КАРИЕРИ
Во второто полуфинале, каде што, за разлика од првиот дуел, немавме фаворит, Шведска на „рацете“ на Паличка и Готфридсон ја совлада Франција, продолжувајќи го походот кон првиот златен медал од континеталните натпреварувања после 20 години. Дуел на две селекции кои поминаа низ различни процеси во однос на повредени играчи пред самото ЕП, но и за време на истото. Франција уште пред стартот на самото натпреварување се соочи со проблем со повредени играчи од големи размери, имајќи предвид дека тројца важни играчи како Пранди, Н’гесан и Ремили останаа дома, додека во текот на првенството добар дел натпревари одиграа под палката на помошникот на Гијом Жил.
Шведска, од друга страна, беше една од селекциите кои беа најмногу поштедени, со исклучок на двата натпревари без Паличка, и сето тоа до пред синоќешниот полуфинален дуел, каде на Ковид вирусот позитивни излегоа дузина важни репрезентативци како Ване, Клар, Егберг, Сандел. Сепак, заедничко за овие две селекции се двајца играчи кои се слични по антропологија и по тоа како го практикуваат ракометот, но и кое е нивното значење за колективот во кој настапуваат. Јим Готфирсон и Никола Карабатиќ, многу слични НО во различни фази од своите кариери, момент кој покрај факторот Андреас Паличка го одлучи патникот во големото финале, во натпревар каде Шведска за неполни 12 месеци по вторпат ги совлада „експертите“.
Франција, силно мотивирана после пласманот во полуфиналето, стартуваше со релативно плитка зона, агресивна игра, на граница на груба, очекувајќи „фидбек“ на повлекување кај „фините“ шведски ракометари како Лагерген и Карсбогард и Валиниус. За воља на виситината, првиот „шок ефект“ од ваквиот тип на игра и даде резултати каде што во 6 минута Франција имаше убаво водство од 5:1. Мора да напоменеме дека овој резултат беше поттикнат од изнудените грешки на Швеѓаните во напад, по кои следеа неколку транзиции како онаа на Дика Мем, од „гол до гол“ со феноменална завршница. Но, како поминуваше натреварот Франција се соочи со старите проблеми на постојаност на голманската позиција, но и лидерство во нападот во ситуација кога Никола Карабатиќ исфрустриран од неможноста да „добие“ дуел (едно од неговите главни оружја во кариерата), дополнително создавајќи конфузија кај останатите бекови во тимот кои и онака не се калибар на играчи кои можат да организираат напад или да создадат позиција за себеси или за играчите од предната линија, со должна почит спрема нивните физички предиспозиции и шутерски капацитет кој не е спорен.
На другата страна, очекувано Готфридсон „царуваше“ во дуел играта, наменски напаѓајќи го Конан како играч со малку натпревари од овој калибар, но и Фабрегас кој играше во два правци, трошејќи се и повеќе од потребното. Но, не смее да се занемари учинокот на останатите бекови, Валиниус, Лагерген и Карсбогард кои заедно со Готфридсон и Персон постигнаа 22 погодоци од бековските позиции кои на површина ги поставија проблемите со голманската позиција на Франција, наспорти скромните 14 погодоци, од кои 8 се дело на „малиот“ Мин. Сегмент кој можеби го „прекрши“ наптреварот и ги однесе „трите круни“ во борба за медалот кој го чекаат од времето на Ленарт Јохансон и феноменалните Штафан Олсон, Магнус Висландер и Штефан Ловгрен.
Противник на Шведска во финалето е Шпанија, во дуел на две селекции кои се сретнаа во првата фаза, на кој „фуријата“ забележа победа. Шведска има доста бекови, кои можеме да очекуваме во финалето да им се придружи Клар, но и првата постава на крилнитен позиции Ване и Екберг. Рибера ќе се обиде да го неутрализира Готфридсон, но и останатите бекови, оставајќи повеќе простор за крилата, но особено за неубедливите пивоти на Шведска. Доколку Де Варгас „спушти ролетна“ на предната линија, Шпанија може да очекува да влезе во историјата како втора селекција која направила хек-трик освојувјќи златни медали на ЕП 2018, 2020 и актуелното 2022.
Кога веќе Данците го играат малото финале, во борабата за златниот медал е сè возможно!
Горан Ѓоргоноски,
Поранешен ракометен репрезентативец и основач и носител на проектот Ракомет за секое дете