Поранешен македонски селектор ќе биде селектор и технички менаџер на Блиски Исток

Сакаат да бидам како технички менаџер да воспоставам систем на работа и селекција за да се подигне нивото на ракометот во таа земја и во тој период да се реализира и пласман на светско првенство.

Поранешниот македонски женски ракометен селектор Владимир Глигоров ќе има нов интернационален предизвик, и повторно на Блискиот Исток. Откако претходно беше селектор на женската селекција на Либан, а потоа и на машкиот јуниорски тим, Глигоров сега седнува на клупата на Сирија. И нема да биде само селектор, туку и технички менаџер кој ќе има задача да постави систем и да го подигне нивото на ракомета во таа земја.

Нашиот поранешен селектор кој во 2008 година го постигна најголемиот репрезентативен успех, освојувајќи го седмото место на континенталниот собир зад себе има кариера во која водел и машки и женски екипи и репрезентации.

„Кон крајот на месецов треба да заминам за Сирија. Требаше порано, но се уште ја чекам визата. Ќе бидам селектор на женската репрезентација со која ќе учествувам на азиското првенство во Јужна Кореја од 15-25 септември. Првенството ќе биде и како квалификација за СП во Шпанија. Договорот е да работам таму на подолг период и се надевам дека така ќе биде, изјави Глигоров за 24ракомет.

Но, неговата задача нема да биде само селекторското место.

„Сакаат да бидам како технички менаџер да воспоставам систем на работа и селекција за да се подигне нивото на ракометот во таа земја и во тој период да се реализира и пласман на светско првенство. Првиот испит ќе биде во септември. Од Азија од тоа првенство ќе може да квалификува 6 репрезентации за СП и ќе се обидеме да бидеме меѓу тие 6 иако веќе касниме со подготовките 10-тина дена поради визата, вели Глигоров.

Глигоров работеше во повеќе македонски екипи, а во својата интернационалн атренерска кариера ја освои и двојната круна во Косово со тимот на Беса во сезоната 2013/2014. Беше тренер и на екипата на Кометал ЃП.

Сезонава беше дел од младинските селекции на Металург, и со кадетите го освои првото место, а со пинерите беше третипласиран.

„Ама клубот не покажа никаков интерес за тие генерации и за продолжување на мојата работа со истите. Да не спомнувам за неисплатени плати зошто тоа стана нормална пракса во Металург. За жал. Да не заборавам да ги спомнам и дечињата од 2008 кои се исто така многу талентирани и со голем потенцијал за развој во перспектива, вели Глигоров.