Откако утринава беше објавено дека скоро целиот тим и стручен штаб на новиот суперлигаш КЛ7 се позитивни на коронавирус, паника се создаде и во тимот на Радовиш.
По редовните тестови пред стартот на Суперлигата, во екипата на Радовиш немаше ниту еден позитивен случај, но по натпреварот со КЛ7 и на вчерашното тестирање пред 3. коло, кај радовишани имаше два позитивни случаи, кои засега се без симптоми.
„Ние го организиравме натпреварот против КЛ7 според сите протоколи – мерење на температура на сите инволвирани, дезинфекција на сала пред натпреварот, на материјалите и просториите кои се користат. Навистина ова е непријатна ситуација за сите нас, а на новите тестови на нашата екипа имаме двајца позитивни членови, но без симптоми. Сите вработени во клубот, стручниот штаб и ракометарите ќе бидеме во изолација следните 14 дена и нема да имаме никакви активности во тој период. Им посакуваме на сите од КЛ7 побрзо закрепнување и повторно да почнеме да играме“, вели претседателот на клубот, Игор Конзулов за 24Ракомет.
Ракометната федерација на Македонија ја суспендира групата А од Суперлигата во следните две седмици, па единствено активни ќе бидат Бутел, Металург, Еурофарм Пелисер 2, Младост Богданци, Работнички, Прилеп и Тиквеш.