ИНТЕРВЈУ МИЛЕВА ВЕЛКОВА: ’Ѓорче Петров’ не смее да оди во заборав!

Дел од ракометарките кои ја испишуваа историјата во македонскиот женски ракомет е и Милева Велкова. Таа е член на златната генерација на Кометал Ѓорче Петров која не лансираше на европската елитна сцена. Кружен напаѓач, кој беше столб на одбраната и во Кометал, а како натурализиран играч со истата љубов и пожртвуваност гинеше и за дресот на Македонија. Беше дел од ренесансата на женскиот ракомет, тука ја наоѓа љубовта на својот живот и никогаш не заминува од Скопје. По безмалку три децении Велкова се уште е во Македонија и работи на нашата ракометна иднина. Нејзината последна мисија е клубот во кој ги минала најубавите години од својата кариера да го врати таму каде што заслужува – на врвот!

За популарната Лела ракометот е нејзин живот и тоа во целосна смисла на зборот. Нејзиниот сопруг, Ангел Велков е поранешен ракометар, кој 18. години го чувал голот на Металург. Нејзините две ќерки Ања и Ива се исто така ракометарки. До пред година дена таа успешно ја водеше својата ракометна школа Лела Велкова 5, која одлучува да ја згасне и сето знаење и енергија да ги насочи кон возобновување на Ѓорче Петров. Во кумска врска е со Индира Кастратовиќ (која неколкупати ја споменува во интервјуто).

Со 21 година играчко искуство, преку десет години тренерско искуство, со завршен Факултет за физичка култура и Вишо тренерско училиште, Велкова во моментов е професор во Спортската академија и тренер на младите категории во Ѓорче Петров. Интересно, нема амбиции за Мастер Коуч диплома, ниту да биде тренер на сениорска екипа или, пак, селектор на некој национален тим. За неа децата се најчистата и најискрена форма и главната сатисфакција доаѓа кога од ништо ќе направиш нешто.

За да биде процесот на формирање квалитетни играчи комплетен од ланската сезона влегува во Ѓорче Петров каде заедно со професорот Владимир Радиќ го водат клубот. Од оваа сезона им се приклучи и Оливер Димитриоски, а клубот веќе претстави и дел од засилувањата за новата сезона, за која со подготовки официјално стартуваат на 3. август.

„Кога ја завршив кариерата во 2004 година и кога зборував со луѓето од Кометал што сакам да правам понатаму, тоа беше да бидам ракометен тренер на мали деца. Ден денеска го правам тоа! Децата ми се прва љубов од причина што кога јас почнав да играм ракомет мене немаше кој да ме учи, јас бев самоука и како најмала ме туркаа навака – натака. Се додека не отидов во Академац, каде учев ракомет, играв и се надградував – се во исто време. До 2008 работев под капата на Кометал, по неговото распаѓање ја отворив сопствената ракометна школа и работев десет години, се до минатото лето кога се роди проектот за враќање на стариот сјај на ’Ѓорче Петров’. Тоа е клуб кој има толку многу направено за македонски ракомет, не смее да оди во заборав! Ја згаснав школата ’Лела Велкова 5’ и со сиот капацитет сега сме во ’Ѓорче Петров’ заедно со професорот Радиќ. Првата сезона имавме за цел само да ја истуркаме, свесни за кадарот и квалитетот кои ги имаме. Запишавме и некоја победа, не беа се порази. Главната сатисфакција од сезоната беше доминацијата во пионерското првенство. Малку се плашев затоа што клучните играчи во пионерска конкуренција, претходно играа и во Прва лига, и во младинското и во кадетско првенство. Сепак на пионерското беа супериорни и се потврди дека имаме добри деца и гледаме клупска иднина во нив. Претходно како школа вадевме по еден-двајца квалитетни играчи од секоја генерација, кои имаа и статус на репрезентативци, но бидејќи немавме сениорска екипа не успевавме да ги задржиме, сега ситуацијата ќе биде поинаква“, објаснува Милева Велкова.

Таа веднаш објасни и како ќе бидат поделени задачите во новата сезона.

„Кога почнавме со создавање на сениорскиот тим, Оливер Димитриоски, со кој сме добри семејни пријател и ги знаеме и неговите квалитети како тренер му го презентиравме проектот и тој се согласи да работи со нас без да постави никакви услови. Децата го прифатија, брзо се адаптираше во тимот и мислам дека човек како него ни беше потребен во екипата. Факт е дека Владимир Радиќ е икона на клубот, човек кој дал се за ’Ѓорче Петров’ и кој може уште многу да дава во младинските категории. Во денешно време поинаков е процесот на работа со сениорските екипи и затоа Оливер ќе ги води нив, а јас ќе му бидам помошник тренер. Сметам дека имам уште многу да учам, а да бидам искрена и немам желба да ја водам сениорската екипа. Сите взаемно ќе си помагаме и ќе работиме на тоа да го заживееме ракометот и Ѓорче Петров одново да стане центар за женски ракомет, како што беше во минатото.“

Подготовките стартуваат веќе во вторник, а колку сериозни се во намерата да го вратат во живот „Ѓорче Петров“ најдобро зборува најавениот турнир, кој ќе се одржи од 19 до 21 август во Скопје и кој ќе влезе во официјалниот календар на РФМ.

„Најдобар показател за тоа колку сме сериозни со спонзорот во намерата клубот да застане на здрави нозе е што ќе бидеме организатори и на подготвителен, меѓународен турнир од 19 до 21 август во Скопје. Тој ќе влезе во календарот на РФМ како официјален, како што е и Струшкиот, и се надеваме дека ќе стане традиционален. Домашните екипи ќе бидат приоритет, а годинава ние со Вардар и Деспина сме домашни претставници, ќе дојдат Јагодина и Бор од Србија, како и женската репрезентација на Чиле, која е тука на подготовки. Верувам дека тоа ќе биде добар показател во пресрет на сезоната во која ќе целиме на место меѓу четирите најдобри во лигата, што би ни донело и излез во Европа. Реално мислам дека имаме капацитет за тоа.“

ОД НАЈГОЛЕМИ РИВАЛИ ДО КЛУПСКИ СОИГРАЧИ

Лела откри интересен момент при фузирањето на екипите, кои од најголеми ривали станале неразделни клупски соиграчи. Фактот дека тимот станал семејство е најголемиот успех од ланската сезона.

„Пред да се спојат ’Велкова 5’ и ’Ѓорче Петров’ нашите дуели во младински категории беа како на најлути противници во Лигата на шампионите. Ривалството беше големо. Но, по првиот заеднички тренинг играчите почнаа да функционираат заедно, се прифатија една со друга и тоа и го пренесоа на теренот. Она на што сум особено горда, што го имам постигнато и што ми беше секогаш цел моите играчи да се дружат и надвор од теренот. Тоа го имам постигнато особено со генерацијата 2006 година, кои една за друга гинат и на теренот, но и надвор од него. Се дружат, излегуваат, одат на пикници… Јас го имав тоа со девојките во Кометал, тие и денеска ми се како семејство и тоа се обидувам да им го доближам и на нив. Според мене најголемото богатство од спортот е во секој град да имаш врата која ќе може да ја отвориш. Победите и поразите се забораваат, пријателствата остануваат.“

„АКО ТИ СТАНЕШ ИГРАЧ, ЈАС ЌЕ СТАНАМ ПОП“

За да може своето ракометно искуство денеска да го сподели со ракометарките Милева Велкова повеќе од две децении ќе ја гради својата играчка кариера. Интересно е дека таа од 7 до 14 години играла пинг-понг, а дури потоа се преориентира на ракомет. Смета дека врвните играчи треба да се сестрани и да се снајдат на секоја позиција, па затоа во кариерата има играно и како лев бек, пред да биде прекомандувана на линијата. Една полусезона ќе биде и десно крило (ќе ја менува повредената Валентина Радуловиќ), а на еден натпревар (во почетоците) се има пробано и како голман. Уште на првите тренинзи ќе добие еден болен удар, кој ќе и биде главен мотив низ целата кариера.

„Ракомет почнав да играм на 14 години, кога престанав да тренирам пинг-понг. Нашата општина Чока беше позната по тоа, но кога нагло израснав и пинг-понг топката ми стана мала, па тргнав по поголема! (се смее) Првите две години тренирав во локалниот клуб Слога. Кога почнував да играм ракомет бев полничко дете и на првиот тренинг дојде претседателот на клубот чија ќерка беше меѓу најталентираните играчи во екипата. Ме погледна и ми рече ’Ако ти станеш играч, јас ќе станам поп’. Бев дете од 14 години и толку ме повредија тие зборови, тоа ми беше толку болно и се врежа во мене засекогаш. Потоа секогаш кога ми беше тешко, особено на подготовки ги имав на ум и ми беа како мотив да истраам. Многу години подоцна кога ставив крај на кариерата, последен меч одиграв за репрезентација на Македонија и направив дрес, кој го однесов и го закачив во клубот каде што почнав да играм. Бевме во екипата на ’Велкова 5’ на еден турнир во моето родно место и кога го освоивме турнирот пред сите го именував претседателот и реков дека тој човек рече дека јас никогаш нема да станам играч. Тогаш тој стана и му одговори: ’Ти стана играч ама јас нема да станам поп’. Неговата ќерка се најде само на поширок список на репрезентација, а јас играв и за Југославија и за Македонија.“

„Потоа две години играв во Академац Кикинда. Истовремено со нив имав понуда од Халас Јозеф, кои играа во Прва Сојузна лига, но татко ми тогаш многу убаво ме поучи. Ме праша дали сакам да бидам играч или да бидам резерва? Ако одам во Академац (Втора лига) ќе играм, а ако одам во Јозеф може и немаше да влезам во тим бидејќи бев многу млада, а и тогаш во состав имаше само 12 играчи. Го послушав советот на татко ми и играв три години таму, а потоа со тренерот Баца Маљковиќ отидовме во Минел Зрењанин, екипа која без ниту еден пораз влезе во Прва Сојузна лига, но клубот се распадна. Продолживо во Динамо Панчево, потоа Вождовац, каде станав и југословенска репрезентативка. Во ’92 со Југославија настапив на Медитерански игри во Атина, каде во финалето ја победивме Франција и освоивме злато. Истата година Вождовац – Локомотива беше последно финале во поранешна Југославија и јас играв во него. Останав уште една сезона, а потоа во ’93 година заедно со Љиљана Марковиќ дојдов во Македонија.“

МИ БЕШЕ ЧЕСТ ДА ИГРАМ ЗА МАКЕДОНИЈА

„Првите две години играв во ЖРК Скопје, таму го запознава и сопругот, во сала. (се смее) Во ’94 кога се формираше македонската репрезентација, Марјан Начевски, кој го знаев од претходно, ми беше спортски директор во југословенската репрезентација ми понуди македонско државјанство. Го прифатив затоа што јас сум родена во Југославија и за мене тоа беше една република. Без ни малку дилема прифатив и ден денеска сум Македонка. Со иста жар и љубов гинев за Македонија, како претходно за Југославија. Дрес е дрес, не е важно за која држава, треба да гинеш за неа. Ние сме малечка земја која многу постигна, барем што се однесува до спортот. Мене ми беше чест да играм за Македонија. Народот тука многу си ги сака своите спортисти, тоа го почувствував кога се вративме од СП ’97, каков пречек имавме со Индира во нашата улица. Имаше плакат на кој со големи букви пишуваше ’Добро ни дојдовте, се гордееме со вас“. Слетавме околу пладне, дома влегов ноќта, и до полноќ имаше врвулица луѓе во мојот дом. Ќе излезам да пазарам во продавница, час-два не можев да се вратам дома. Ние се појавивме во време кога бевме радост на овој народ, некоја искра со која тој се радуваше – дали репрезентација или клуб бевме истите играчи и народот имаше верба во нас. Знаеја дека кога ќе излеземе на терен ќе гинеме, ќе дадеме сè од себе, па затоа и кога губевме имавме поддршка, затоа што ние правевме сè. Денеска кога ќе застанеш и ќе прашаш обичен граѓанин кој игра за македонска женска репрезентација, за жал, некој може ќе каже и имиња од нашата генерација, овие младите сега не ги ни знаат. Уште се зборува за нас, но се надевам дека ќе се смени тоа… Дека ќе се направи некој пресврт кој ќе го крене женскиот ракомет кај нас.“

СВАДБАТА МИ БЕШЕ ПОДРЕДЕНА НА РАКОМЕТОТ

Од 1995 година па се до крајот на кариерата Лела останува во Кометал Ѓорче Петров каде ги има најубавите години во кариерата и клуб со кој ќе се искачи на кровот на Европа. Но, за да стигне до врвот се во нејзиниот живот бил подреден на ракометот.

„За Кометал Ѓорче Петров потпишав во ’95 и тука ги минувам деветте најубави години во животот. Работев со прекрасни играчи, соработував со многу добри тренери… Костурот на екипата беше ист – Ишка (Индира Кастратовиќ) не водеше во нападот, јас со Платон – столбови на одбраната, Гоца (Нацева) на гол, Лариса (Кисељева) и Мими (Чупиќ) на крила, Вале (Радуловиќ) исто долго беше со нас, но таа замина пред да ја освоиме титулата. Кога нè имаа нас како основа лесно беше другите да се вклопат. Генерациски сите бевме близу, знаевме што сакаме и живеевме за тоа да донесеме титула во Скопје. Тоа ни беше како цел и секој тренинг ни беше подреден на тоа. Тренинзите некогаш ни беа посилни од натпреварите, знаевме дека мора да даваме 120 посто на тренинзи за да бидеме на максимум на натпревари, спарингувавме со машки екипи, на турнири и пријателски натпревари ја одржувавме формата, ама вредеше“, се потсетува Лела и додава: „Сè беше подредено на ракометот – знаеме некогаш со Индира да се смееме дека мојата свадба беше подредена на Кометал, нејзина Сара подредена на Кометал. (се смее) Индира ми е кума и се сеќавам за мојата свадба не можевме да договориме во ист ден да биде и регистрацијата и забавата. Лето, голем дел од соиграчите заминати дома, обврски со репрезентација, па со клуб. Со Ане (сопругот) на 12 јуни направивме регистрација и јас другиот ден заминав со репрезентација на подготовки. Потоа на 13 јули ја направивме забавата и ден потоа со Кометал тргнавме на подготовки за новата сезона. Затоа велам се беше подредено на ракометот. На 29 години ја родив Ања, а по само 40 дена отидов на тренинг, после три месеци патував во Словенија да играм за репрезентација! Ние живеевме за сето тоа, за тие наши успеси. Сезоната кога бевме суспендирани од Европа беше многу тешко да се одржи нешто, но Платон, јас и Мими останавме и го држевме клубот таа сезона.“

ИГРАВ И БРЕМЕНА И ПОВРЕДЕНА

„Целта ги оправдува сретствата“, а таа поговорка комплетно објаснува колку Велкова давала и жртвувала за ракометот.

Во шампионската сезона се повредив на еден натпревар во Словенија. Скинав заден лигамент на колено, но додека траеше натпреварот не чувствував ништо, подоцна, кога се олади местото дојде болката и проблемите. Трифун веднаш ме однесе во Австрија и докторот ми вели дека сум имала среќа. Задниот лигамент на коленото ’пукнал’ по должина, а не по ширина, што е еден во милијарда случаи. Ме спаси тоа што сум имала силната мускулатура, односно мускулот ми го заштитил коленото. Имам сега два лигаменти место еден (се смее) и јас за многу кусо време, два месеци се вратив во игра.“

„Сум играла и бремена! На почетокот на бременоста (втор месец) Македонија играше меч со Хрватска. Колега беше со нас во екипа, големи пријателства, но и голем ривалитет и сакав да играм. Во нашата екипа само Ишка и уште две-три Кометалки со кои бев поблиска знаеја дека сум бремена. Пред натпреварот влегов во соблекувална на Хрватска и им кажав дека сум бремена и ги замолив само да не ме удираат по стомак. Немаше никаков проблем се до десетина минути пред крај кога ненамерно, при едно вртење една од нив ме удри со рака по стомак и јас паднав. Ме извадија од игра и требаше да одмарам и да останам на клупа, но кај му велам на докторот ’Враќај ме на терен моите дома гледаат и знаат дека сум бремена, да не се грижат.’ Одморив малку и се вратив во игра и паметам дека мојот покоен свекор ми рече дека му паднал ’камен од срце’ кога видел дека се враќам во игра. По натпреварот му кажав на тренерот, на управата и на другите од екипата дека ќе правам подолга пауза.“ (се смее)

СЕМЕЈСТВОТО ПРЕД КАРИЕРАТА

Велкова на 35 години става крај на кариерата. Таа за целиот период додека е играч на Кометал добива примамливи понуди од странски клубови, но семејството е она што Лела го става пред кариерата.

„Не отидов никаде иако имав многу понуди од надвор. Никогаш не сум го споменувала тоа затоа што никогаш не сум ни сакала да заминам. Секогаш ставав на вага сопругот и детето од едната страна и двојно-тројно поголема плата!? Не гледав некоја сатисфакција во градење интернационална кариера. Во Скопје бев дома, имав слобода, не мислев дали детето ми е згрижено. Кометал беше семејство, убаво бевме и платени, условите беа одлични. На 35 години, односно во 2004 година ставив крај на кариерата. Сметам дека човек кога ќе го постигне врвот во кариерата треба да се повлече за така да биде запаметен. Јас почувствував дека тоа е мојот момент за да кажам крај.“

ДВАПАТИ БЕВ КАЗНЕТА БЕЗ ДА БИДАМ ВИНОВНА

Два моменти од кариерата Лела ги памети со горчина.

„Двапати во кариерата бев казнета без да бидам виновна. Првиот таков удар го почувствував во ’92 кога заедно со Индира бевме кандидати за ЛОИ во Барселона. Три месеци се подготвувавме низ цела Југославија и ни ставија ембарго, не беше дозволено да учествуваме на Олимпијадата и не вратија дома буквално од авион. Тоа беше голем удар за сите нас. Вториот пат, така се почувствував на финалето во 2000 година кога го удрија Прокоп во ’Кале’, а ние заработивме суспензија од една година во Европа.“

ТРЕНЕРСКА ЦЕЛ – СОЗДАВАЊЕ ИГРАЧИ

Како играч Лела го достигнува врвот со освојувањето на ЛШ со Кометал Ѓ.П., а целта како тренер и е создавањето на играчи.

„Сакам да работам со деца, да создадам играчи – ништо нема поубаво од она кога гледаш како од ништо ќе направиш нешто. Немам амбиции за тренер на сениорска екипа, селекторски позиции. Сакам и можам да бидам дел од некој стручен штаб, да помогнам ако треба, но да бидам селектор – НЕ! Затоа можеби и не се ангажирам да добијам Мастер коуч лиценца“ – потенцира Велкова.

МОИТЕ ЌЕРКИ НЕ СЕ ЈАС!

Милева Велкова нема една, има две наследнички – ќерките Ања и Ива, кои и двете тренираат ракомет. Она што и пречи е што тие го носат товарот и притисокот од тоа дека Лела им е мајка.

„Жал ми е за моите деца затоа што во нив уште на млади години ме бараат мене. Вистина е дека тие имаат потенцијал, но не се јас! Носат голем товар и притисок дека мораат да бидат како мене, но јас не се согласувам со тоа. Уште една работа е што јас во Македонија дојдов како југословенска репрезентативка на 23 години, никој не ме знаел каков играч сум била на 15-16 години. Потребно е да се остави простор и време за да видиме во какви играли ќе прераснат тие. Факт е дека секое дете кое се занимава со спорт, а чии родител бил или е врвен спортист се соочува со таков проблем.“