Екс тренер на Вардар го остави ракометот – ќе работи во столарство!

Екс тренерот на ЖРК Вардар, Јан Питлик, одлучи да го остави ракометот и да се посвети на сосема друга работа.

Легендарниот тренер од Данска одреден временски период ќе работи во столарска работилница.

Искусниот стратег, кој е освојувач на две златни олимписки медали и еден златен од континенталните собири, во столарската работилница ќе биде задолжен за вработените, односно ќе работи во секторот на човечки ресурси.

Компанијата „Гулдфелт Нилсенс“ има околу 300 вработени, па така екс тренерот на Вардар ќе има многу работа во новиот предизвик.

Јан Питлик последниот ангажман го имаше во Саудиска Арабија, таму беше селектор на машката сениорска репрезентација и со земјата од Азија настапи на Светското првенство 2023 во Полска и Шведска.

Тој во својата карира работеше во неколку машки и женски клубови. Покрај тоа што беше дел од Вардар, екс данскиот репрезентативец ги предводеше и ГОГ, Есбјерг, Оденсе…