Две екс ракометарки на Кометал заедно ќе водат руски тим (ФОТО)

Двете поранешни членки на Кометал Ѓорче Петров, Наталија Дерепаско и Татијана Березњак, во новата натпреварувачка сезона 2023/24 ќе водат руски суперлигаш.

Станува збор за клубот Агу Адиф, кој глвно се потпира на млад играчки кадар и има за цел да создава играчи, кои во понатамошниот дел од кариерата преминуваат во подобрите клубови во „зборнаја“.

Наталија Дерепаско ќе биде главен тренер на клубот, додека Березњак ќе ја има улогата на помошен тренер, односно ќе и биде асистент на Дерепаско.

Березњак покрај руското, има и македонско државјанство со оглед на тоа што беше дел и од Кометал Ѓорче Петров три сезони од 1993 до 1996 година, во времето кога нашиот тим ги правеше првите чекори кон европските височини.

Прославената ракометарка, која играше на позицијата кружен напаѓач, работи и во младинскиот национален тим на Русија како дел од стручниот штаб, а најголем дел од играчката кариера ја мина токму во Ростов Дон.

Дерепаско минатата сезона го водеше кинескиот Феникс, клуб кој играше во најквалитетното натпреварување во Русија. Откако го презеде Феникс, ја извршуваше и селекторската функција во сениорската женска репрезентација на Кина.

Екс репрезентативката на Украина и Словенија дресот на Кометал Ѓорче Петров го носеше од 1995 до 1997 година, потоа се пресели во Крим и во словенечкиот шампион играше 11 години.

Во Крим беше асистент, еден период стана и прв тренер на клубот, но тимот од Љубљана го презеде Драган Аџиќ, па така Дерепаско тренерската кариера ја продолжи во Русија.