Женската репрезентација на Македонија вечерва ја пречека Словенија во второто коло од квалификациите за Европското првенство 2026. По стартниот пораз во Гумерсбах против Германија, ова е прв домашен натпревар за избраничките на македонскиот селектор во новиот циклус.
Пред почетокот на средбата, Ракометната федерација на Македонија организираше убава церемонија и додели признанија за поранешните репрезентативки кои оставија трага во националниот тим.
Поранешната капитенка Елена Ѓорѓиевска, која зад себе има повеќе од 100 настапи во црвено-жолтиот дрес, доби врамен дрес како симбол на благодарност од претседателот на РФМ, Александар Стефанов.
Јована Саздовска, левото крило кое имаше долгогодишен придонес во националниот тим, доби врамен дрес од генералниот секретар Влатко Тасевски, додека Симона Маџовска исто така доби признание – врамен дрес, кој ѝ го врачи Индира Кастратовиќ, легендарна репрезентативка.
Со овој симболичен чин, РФМ уште еднаш покажа дека ги вреднува генерациите кои го носеле националниот дрес со чест и посветеност, а моментот пред почетокот на натпреварот во Битола беше поздравен со големи аплаузи од трибините.