📷 Караванот стигна и во Куманово – многу деца уживаа во игра, дружба, забава…

Најновото издание на „Ракометниот караван“ во организација на Ракометната федерација на Македонија денеска направи вистински спортски спектакл во салата во Куманово, каде голем број на деца имаа можност да учествуваат во ракометни игри, дружење и запознавање со познати спортски имиња.

Гости на караванот беа некогашната репрезентативка Наташа Младеновска, актуелната репрезентативка Емилијана Ризоска, како и двајцата млади членови на Куманово – Тино Стојановски и Григор Трајковски, кои преку демонстрации, разговори и заеднички фотографии го пренесоа своето искуство и љубов кон спортот на најмладите.

Малите љубители на ракометот покажаа голем интерес, трчаа, додаваа, постигнуваа голови и уживаа во секој момент, додека нивните омилени ракометари ги бодреа и им даваа совети.

„Куманово денес беше центар на детскиот ракомет. Многу насмевки, игра и нови ракометни пријателства на Ракометниот караван кој продолжува да ја шири љубовта кон ракометот низ Македонија“, напишаа од РФМ.

„Ракометниот караван“ е дел од иницијативата на РФМ да го доближи ракометот до што повеќе деца низ целата земја. Проектот ќе продолжи и во други градови, каде преку забава, едукација и спортски активности ќе се создаваат идните шампиони на македонскиот ракомет.