Ракометарите на Вардар ги одработуваат последните подготовки пред стартот на новата сезона, а денес клубот го претстави и новиот дрес со кој „црвено-црните“ ќе настапуваат во наредните две сезони.
По повод 65-годишнината од основањето, македонскиот шампион сними специјално промотивно видео во кое се појавуваат сегашните играчи, навивачката група „Комити“ и клупските легенди, меѓу кои и Столе Петрушевски и Ацо Станковски, кој денес е тренер на Куманово.
Спотот е снимен на неколку симболични локации – скопското Кале, плоштадот „Македонија“ и СЦ „Јане Сандански“, домот на Вардар.
„Во пресрет на јубилејната година, кога РК Вардар 1961 го прославува 65-тиот роденден, со огромна чест ви го претставуваме новиот дрес на клубот за наредните две сезони. Скопското Кале – тврдината на градот, симбол на издржливоста и историјата создадена од генерации на легенди, спортски работници и навивачи, ќе биде инспирација за нашите ракометари. Црвено-црните риги нека бидат потсетник на големината и на славната историја на клубот и патоказ за враќање на тронот“, објавија од клубот.
Со оваа промоција, Вардар ја испраќа пораката дека традицијата и историјата се основа за идните успеси, а навивачите веќе со нетрпение го очекуваат стартот на сезоната и новите предизвици за најтрофејниот македонски клуб.