Десниот бек на Металург, Томислав Јагуриновски, се уште нема донесено одлука каде ќе игра следната сезона. Неговиот договор со тимот од Автокоманда истекува на крајот на оваа сезона, а покрај од сегашниот клуб заинтересираност постои и кај некои други домашни клубови. Леворакиот играч игра на позициите десен бек и десно крило, а токму поради неговата можност да шутира со лева рака секогаш е интересен за клубовите.
Сегашниот клуб сигурно ќе сака да го задржи, но тоа ќе зависи и од финансиите и амбициите. В година Металург треба да игра во новоформираниот куп Лига Европа, но неизвесно е дали ќе игра квалификации или можеби ќе влезе директно во групната фаза. Тоа би значело и обврска за клубот да направи конкурентен тим.
Европскиот првак Вардар исто така покажа интерес за неговите услуги и веќе се направени првите разговори со десниот бек, кој би можел да се врати во неговиот матичен клуб. Во време на криза, и на почеток на нова ера на „црвено-црните“ треба да се усогласат барањата на играчот и можностите на клубот. Засега нема дефинитивен договор, но играњето во Лигата на шампионите и во СЕХА лигата секогаш се примамливи за играчите. Јагуриновски од младите категории на Вардар замина кај ривалот од Автокоманда и во моментов е еден од носителите на играта. Лани од Металург во Вардар пристигна неговиот соиграч Димитар Димитриоски.
Трета опција е новиот суперлигаш КЛ7, кој има проект со македонски млади играчи и со задоволство би го виделе Јагуриновски во својот тим. Според најавите КЛ7 в година би требало да има и поголем буџет со амбиции да останат во „новоформиараното суперлигашко“ друштво во сезоната 2021/2022 година. И таму сигурно би бил лидер на тимот, но ќе изостане шансата да се покаже на меѓународна сцена.
Тој собра искуство од настапите за битолските Пелистер и Еурофарм Работник две сезони, а неколку пати се најде и на поширокиот список на селекторот Данило Брестовац за репрезентативните акции на сениорите.