Тимот на Бенфика, што имаше одличен настап во последното издание на Купот на ЕФ и забележа четири победи на четири меча, се чини го чека неизвесна иднина. Корона кризата силно го погоди спортското друштво Бенфика, во кое уште егзистираат и фубдалскиот, кошаркарскиот, одбојкарскиот клуб…
Веќе е најавено преполовување на буџетот во ракометниот клуб, а од најавуваниот голем проект на тимот од Лисабон кој требаше да биде конкурент на Порто, нема да има ништо.
На тренерска позиција на местото на Карлос Резенде требаше да дојде Чема Родригез. Најавени беа договори со Ловро Јотиќ од Еурофарм Пелистер, Мамаду Кеита од Иври, Оле Рамел од Кил, Матиц Сухолежник од Данкерк, Лазар Кукиќ и Сергеј Ернандез од Ла Риоха. Сите тие имаа потпишано преддоговори, но веројатно нема да потпишат договори. Ниту едно од најавените засилувања не е промовирано, што е уште еден знак дека нешто не штима.
Борко Ристовски си замина уште во февруари, десниот бек Кевин Њокас е на излезна врата, а ист е случајот и со пикерот Рене Тофт Хансен, кој треба да се врати во татковината во дресот на Силкеборг. Диого Валерио замина во Гумерсбах, Рикардо Пескеира ја заврши кариерата, а клубот реши да се ослободи и од Роме Хебо, Мигел Еспиња, Фабио Видраго, Карлос Молина, Давиде Карваљо, Педро Сеабра, Нуњо Грило…