Чупиќ: Вардар и Македонија ми дадоа многу…

Еден од најомилените ракометари меѓу вардаровите навивачи е десното крило Иван Чупиќ.

Тој ја игра својата петта сезона во Вардар, а досега освои две титули во Лигата на шампионите.

Во интервју за хрватскиот „Индекс“ тој вели дека парите не се најважното нешто во светот и дека е среќен во Вардар.

„Мене Македонија ми даде многу, но ѝ дадов и јас на неа и на Вардар. Блиски сме со менталитетот, а и блиску ми е Хрватска. Тука со мене се и мојата сопруга и моите деца, кои одат во градинка односно училиште. Во години сум кога играњето во топ-клубовите во кои се заработува најголема плата и не е најважното нешто на светот, па затоа сум многу посреќен. Тука постигнав големи успеси. Два пати бев шампион на Европа, ме ценат и многу ми дадоа и државата и клубот. Семејството ми е среќно во Скопје и сѐ додека е така и јас ќе бидам среќен. Не можам да кажам дека нешто ми недостига во Скопје“, вели Чупиќ.

Хрватското десно крило вели дека Македонија е земја во која ракометот е спорт број еден и во која хрватските ракометари се прекрасно примени.

„Пандемијата многу го погоди ракометот во светот. Но, за разлика од другите земји, во Македонија ракометот е спорт број еден, а не фудбалот. Тоа го привлекува секој ракометар, а лигата со Еурофарм Пелистер и Металург ќе биде многу интересна. Хрватските ракометари се чувствуваат одлично во Македонија. Македонците се добри и топли луѓе и нѐ имаат прифатено како свои“, вели Чупиќ.