Трофејниот стратег Лино Червар за последен пат ја водеше селекцијата на Хрватска на Европско или Светско првенство и во неговата кариера ќе остане да ги води „коцкестите“ уште на Олимписките игри во Токио, секако доколку обезбедат место.
По поразот во финалето против Шпанија со 22-20, тој за хрватските медиуми ја раскажа цела своја кариера и зборуваше за низата успеси, а се наврати и на моменти кога работеше во македонскиот Металург.
Червар беше на чело на тимот од Автокоманда од 2009 до 2017 година, а со овој тим стигна на два пати до четвртфиналето во Лигата на шампионите. Хрватот го нарече Металург „сиромашна екипа од предградието“.
„Бев во Македонија. Таму тренирав една екипа од крајот на градот, сиромашна. Двапати бевме меѓу петте во Европа, а немавме добри тоалети“, изјави Червар.
Пред неговата изјава, тимот од Автокоманда упати честитка за големиот успех на нивниот најдобар тренер во историјата.