Репрезентацијата на Црна Гора претрпе уште еден пораз на Европското првенство овој пат од Данска со 19:28. Во вторник ќе мора да го спасува своето останување на шампионатот на дуелот против Словенија.
Селекцијата на Данска која е домаќин на ова Европско првенство доминираше од средината на првото полувреме. Мечот почна израмнето, а наизменично имаше погодоци на двете страни. Сепак, немаше поголема предност.
Данска ја презеде иницијативата после средината на првиот дел и почна подобра игра. До крајот на првото полувреме водството беше гол или два, па на одмор се замина со предност од 13:11.
Двата гола предност почнаа да се зголемуваат откако Црногорките влегоа во кризен период од играта. Од 33. минута кога резултатот беше 13:15 до 52. минута кога беше 13:24, Црна Гора не најде начин како да го погоди голот на противникот. Тука веќе имаше преголема негатива со што немаше никаква шанса за да се направи враќање во мечот.
На тој начин после загубениот дуел против Франција, сега беше загубена и средбата против Данска, па шансите за висок пласман веќе и да не постојат, а за вториот круг се доведени во прашање. Јованка Радичевиќ и колешките ќе имаат тешка средба во вторник против Словенија.
Во победничкиот табор денеска имаше повеќе расположени ракометарки. Голманката Сандра Тофт имаше 11 интервенции, додека по четири погодоци имаа Педерсен, Бидструп и Остергард. Кај Црногорките, Радичевиќ ја заврши средбата со четири гола, а исто толку погодоци имаше и Рамусовиќ.