Лука Циндриќ го пропушти поголемиот дел од Светското првенство во Египет, но ќе биде подготвен за продолжението на Лигата на шампионите.
Некогашниот член на Вардар и Металург, говореше за соработката со Лино Червар и за тоа дали постои некое несогласување меѓу нив двајца, откако Червар кажа дека никогаш не е тука кога му треба.
„Па не би сакал да го коментирам тоа и да се препукувам по медиумите. Едноставно човекот има свое мислење, јас моето ќе го задржам за себе. Сепак Лино Червар сигурно дека влијаеше на мојата кариера, дефинитивно. Во Металург тојо ми овозможи да го направам првиот чекор во професионалната кариера, но јас ги дочекав своите пет минути, кои знаев дека ќе дојдат. Не беше лесно тогаш кога имав 20 години да играм во клуб со толку ѕвезди некаде далеку од дома, а јас бев клинец за кој никој не знаеше. Сигурно дека Червар ми помогна, но јас ја зграбив таа прилика и ја искористив. Тој сепак заборави да каже, дека поради него и поради Металург не играв половина година и одев на суд, ја доведов мојата кариера во прашање. Не беше лесен период за мене, беше прашање дали ќе продолжам да играм или не, но сигурно не сакав да се вратам таму. Но на крајот заврши се добро и преминав во Вардар“, кажа Циндриќ за „Балкан Хендбол“.