Хрватите жртви на своето темпо, паднаа во финишот против триколорите

Селекцијата на Хрватска претрпе нов пораз, овој пат во квалификациите за Олимписките игри откако денеска имаше лоша завршницата на средбата против Франција и загуби со 26:30.

Од почетокот на средбата беше јасно дека ова ќе биде натпревар со многу тактичко надмудрувње. Првите десет минути донесоа само три гола, а Хрватска имаше водство од 2:1. Тоа беа главно минути за одбраните и по некоја интервенција на голманите, па оттаму малку погодоци во отворањето на средбaта.

Oва беше уште период за загревање, а веднаш потоа Хрватите покажаа дека имаат повеќе идеја и многу лесно ги решаваа задачите во напад задавајќи им многу грижи на противниците. Французите играа потешко, па тоа отворaше простор за создавање разлика.

Карачиќ одлично предводеше во напад, а и Чупиќ беше сигурен од седум метри така што средбата одеше во позитивен правец за Хрватска. До крајот на првиот дел имаше и предност од четири гола, но на одмор се замина со резултат од 15:12.

Овие три гола даваа сигурност, но само што почна второто полувреме Циндриќ донесе 16:12. Пешиќ ги откажа противничките стрелци, но како одминуваше времето така стануваше јасно дека Хрватска го губи чекорот. Хрватите не можеа повеќе да го одржат силниот ритам кој го наметнаа, а беше јасно дека и голманите на Франција ќе дојдат до своите минути.

Главната драма почна откако во 49. минута дојде до израмнување на резултатот. Иако Пешиќ бранеше добро тоа не беше доволно така што Французите полека почнаа да го преземаат водството. Меѓутоа не само што го преземаа водството туку и создадоа предност поради која Хрватите брзаа и се губеа во ритамот так што на крајот мораа да честитаат.

Франција дојде до победа од 30:26 во натпревар во кој 45 минути беше во подредена улога и во кој никако не можеше да се снајде на теренот. Сепак, подобро одработените завршни 15 минути беа клучни за победникот. Иако Хрватска делуваше добро под водство на новиот селектор Хрвоје Хорват, сепак, јасно е дека ќе треба многу за да се крене нивото и да се врати играта со која Хрватска секогаш беше меѓу фаворитите.

Кентин Мае и Дика Мем беа играчите кои најмногупати го загрозија голот на Хрватска. И двајцата по петпати погодија во мрежата на противникот, додека во Хрватска, Иван Чупиќ со десет гола беше убедливо најефикасниот на натпреварот.

Утре е клучниот дуел за Хрватска бидејќи ќе треба да се соочи со селекцијата на Португалија од 18:30 часот, додека во недела ќе игра со Тунис. Французите и утре ќе играт од 21 часот против Тунижаните.