Тимот на Металург оваа сезона имаше големи проблеми со коронавирусот и беше два пати во изолација, па потоа мораше да игра натпревари во забрзан ритам.
Еден од најконстантните ракометари во Автокоманда беше хрватскиот репрезентативец Златко Хорват, кој покрај на природната позиција – десно крило, мораше да игра и како десен бек на некои натпревари.
„Добро ми оди сезонава. Здрав сум, свеж, не ме мачи ништо. Имам добар статус во Металург и голема минутажа. Играм крило и бек. Карантините ни го разбија ритамот. Кога ќе се собере се, скоро два месеци не сме имале тренинзи, ниту натпревари. Во домашниот шампионат може да играат само три странци, а тоа значи дека играме со две екипи, една за Европа и една за домашната лига. Имавме проблеми на некои средби, но со бодот против Фиверс си покажавме себе и на ривалите дека сме добра екипа. Како ќе одминува сезоната, така ќе бидеме се подобри“, вели Хорват за „Спортске Новости“.
Тој заедно со Иван Чупиќ ќе го формираат дуото на десната крилна позиција во хрватската репрезентација на Светското првенство во Египет.
„Вообичаено е сега како пред секое големо натпреварување. Тешко е да се процени ситуацијата кај нас додека не се комплетираме, додека не видиме на натпревар кој може, а кој не. Кога ќе видиме тоа, тогаш ќе можам да кажам поконкретно. Секако дека секогаш сме оптимисти, дека одиме по најдоброто, но најважно е да не послужи здравјето, кое во овој момент е клучот за се“, заврши Хорват.
Хрватска ќе има неевропска група на Мундијалот во Египет и ќе игра против Јапонија, Ангола и Катар.