Тимот на Тиквеш ја забележа третата победа оваа сезона во Суперлигата, откако во Кавадарци славеше над Младост Богданци со 32-25. Иако домашниот тим не ја прикажа играта што се очекува од кандидат за плеј-оф, сепак целта на крајот беше остварена.
Избраниците на Томе Петрески отворија со водство од 3-1, но богданчани кои играа без искусниот Роглев, набрзина воспоставија рамнотежа на теренот. Поведоа со 5-6, но потоа имаа неколку грешки во нападот што беа казнети од Тиквеш.
По 8-7, кавадарчани дадоа три гола во серија за 11-7, до крајот на полувремето имаа и водство од плус пет, но Младост намали преку Лупашко од пенал во последните моменти, за 17-13 на пауза.
Упорните богданчани не се откажуваа од пресврт. Најпрво израмнија на 18-18, а потоа стигнаа и до предност, 19-20. Тренерот Томе Петрески се реши за фластер на искусниот Стоилов, па Младост ја изгуби течноста во нападот и Тиквеш се врати на плус три, 22-20.
На седум минути до крајот беше 26-22, а гостите во финишот паднаа и на физички план поради долгата пауза без тренинг, па Тиквеш рутински ја задржа високата предност и оствари победа со 32-25
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Симиќ со седум и Јанчев со шест погодоци, а солидна партија имаше и голманот Велков. Кај Младост Богданци се истакнаа Лупашко со осум и Стоилов со седум погодоци.