Според пишувањата на „RTH Handball“, моментално најдобриот стрелец во ЛШ, Емил Мадсен, се наоѓа пред трансфер во Кил. 22-годишниот член на ГОГ игра на позиција десен бек и со одличните настапи во најквалитетното натпреварување во Европа стана мета на многу богати клубови. Големата надеж на данскиот ракомет неофицијално во тимот на ,,зебрите” би останал најмалку до 2025 година. Од ГОГ на лето ќе си заминат Симон Питлик и Лукас Јоргенсен, двајцата потпишаа за Фленсбург, а данскиот шампион ќе го напушти и Џери Толбринг. Швеѓанецот од идната сезона ќе настапува за Фуксе Берлин.
Десното крило на Целје, Гал Маргуч, би требало да биде новото, четврто засилување во Нексе, пренесува „RTH Handball“. Клубот од Нашице претходно го ангажираше сонародникот на Маргуч, Марко Безјак, кој во хрватскиот вицепрвак ќе пристигне од Магдебург, потоа искусното лево крило на Веспрем, Мануел Штрлек и репрезентативецот на Израел, левиот бек Адир Кохен од Трембле. Нексе обезбеди четвртфинале во Лига на Европа и ќе има повторно можност да се бори за учество на Ф4 во второто по ранг европско натпреварување, така што амбициите за следната сезона ќе бидат уште поголеми.
Репрезентативката на Црна Гора, Татјана Брновиќ е најновото засилување во амбициозниот тим на Крим Меркатор. Кружниот напаѓач, кој од Будуќност на почетокот на оваа сезона пристигна во Брест Бретањ, реши да го напушти францускиот суперлигаш и да направи камбек во клубот од Љубљана. Црногорката во сезона 2021/22 краток период мина во словенечкиот првак. Раководството на Крим и Брновиќ се договорија на соработка до јуни, 2025 година. Крим пред извесен период се засили со двете екс ракометарки на Вардар, Тамара Мавсар и Итана Грбиќ. Во клубот нови засилувања ќе бидат и Нина Жулиќ и Маја Војновиќ.
Екипата на Љублин од Полска се засили со хрватската репрезентативка Стела Посавец. Ракометарката, која може да одигра како среден бек, но и како десно крило, во клубот од Полска ќе го има првиот интернационален предизвик. Посавец во текот на нејзината кариера го носеше дресот на актуелниот шампион на Хрватска, Локомотива Загреб, клуб во кој настапува повремената македонска репрезентативка Андреа Седлоска.