„Томовски е млад, добро трениран голман – станува сè подобар“

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски, ќе ја започне втората сезона како член на тимот Лудвигсхафен, кој игра во најквалитетната конкуренција на светот, Бундес лигата.

Партнер на голот ќе му биде искусниот словенечки интернационалец Горазд Шкоф. Минатата сезона Томовски добиваше минутажа и имаше солидни бројки.

Германскиот клуб објави краток осврт на првата сезона на Томовски.

„На почетокот бранеше заедно со малку повозрасниот Стефан Ханеман. Двајцата имаа добри моменти и падови. Но, откако дојде Горазд Шкоф, Томовски стана посмирен, подобар, покажа дека може“, пишува на веб сајтот на Лудвигсхафен.

Шкоф неодамна најави дека нашиот голман треба да добие поголема шанса.

„Јас сум малку стар. Затоа треба Мартин да биде форсиран и да добие поголема минутажа“ кажа неодамна Шкоф.

Томовски вели дека е среќен што продолжува со Лудвигсхафен.

„Среќен сум овде. Сакам да играм повеќе оваа сезона. Имам голема поддршка од Шкоф. Тој ми помага многу, видел многу, играл на многу места, има многу искуство, и зборуваме за се и сешто“, вели македонскиот голман.

Тренерот на Лудвигсхафен е задоволен од напредокот на македонскиот чувар на мрежата.

„Ние сме задоволни од начинот на кој Мартин работи на себе, но и тој знае што очекуваме од него. Тој е млад, добро трениран голман. Едвај чекам да ја одработиме втората сезона заедно со него“, вели тренерот Бен Мачке.