Ракометарите на Тиквеш му се одмаздија на Еурофарм Пелистер 2, откако слава во Кавадарци со 27:25. Првиот натпревар меѓу двете екипи, кој беше одигран на почетокот на новата натпреварувачка сезона заврши со убедлива победа на младите „фармацевти“ од 28:23. Фантастична партија одигра членот на Тиквеш, Мартин Димовски со 11 постигнати погодоци, а меѓу стативите одличен беше и голманот Марјан Велков.
Домашните отворија со предност од 4:0, имаа и плус пет, 7:2, но како одминуваше времето, така избраниците на Александар Јовиќ се враќаа во игра. Белистојаноски и Димитровски по петнасетина минути намалија на 9:8. Симиќ од пенал зголеми на 10:8, а потоа на голот на Тиквеш застана Марјан Велков, кој имаше две интервенции, па Димовски донесе плус три, 11:8. Стефановиќ имаше шанса за уште повисока предност, но Печурица му одбрани на српскиот интернационалец.
Казната стигна од Павле Петровиќ за 11:9, а битолчани промашија и два зицери, односно беа запрени од Велков, кој ја дигна публиката на нозе со двојната интервенција по ударите на Кукуловски и Белистојаноски.
Тренерот на домашните викна тајм-аут, откако неговите играчи не погодија на два пати, но таквиот тренд продолжи и во следните напади. За разлика од кавадарчани, битолчани погодуваа преку Кукуловски и Петровиќ, па во 27 минута беше реми, 11:11.
Тиквеш се обиде преку Симиќ на празен гол, но не успеа, па затоа избраниците на Александар Јовиќ преку Митревски за првпат поведоа на мечот 13:12. Темелкоски промаши на спротивната страна и битолчани имаа напад за плус два. Кукуловски реализираше за плус два, 14:12, во последните секунди од првиот дел.
Домаќините со два гола во низа на стартот од вториот дел израмнија на 14:14 и сѐ уште беа во игра за освојување на бодовите. По нерешените 16:16, тимот на Тиквеш со голот на десното крило Димовски поведе со 17:16 во 40 минута, а минута подоцна левото крило Коцев зголеми за 18:16. Тиквеш ја подобри играта во одбраната и со неколку лесни погодоци дојде до четири гола разлика, 21:17.
По тајм-аутот на Јовиќ, Павле Петровиќ реализираше за 21:18, но домаќинот преку Лазар Петровиќ повторно зголеми на плус четири, 22:18. Еурофарм Пелистер 2 за неколку минути игра намали на 22:20 и пропушти напад за минус еден. Тиквеш во последните десет минути влезе со активен резултат од 23:21 и не дозволија драма во понатамошниот тек од дуелот. Домаќинот имаше и предност од 25:21 и во последните минути му дозволи да гостинот само да ја намали предноста за конечни 27:25.
Најефикасен во победничката екипа беше Мартин Димовски со 11 погодоци. Во поразениот табор се истакна босанскиот интернационалец Павле Петровиќ со седум реализации.