После вчерашното соопштение прво од Владата, а потоа и од РФМ дојде до прекин на натпреварите во Супер машката лига, Женската лига и Првата машка лига.
Натпревари нема да има барем до 27 март, а тоа значи дека ќе има пауза од најмалку две недели.
Еден дел од екипите и покрај тоа што нема да имаат натпревари ќе продолжат според планот и ќе тренираат, но има и екипи кои одлучија комплетно да почитуваат и нема да работат во следниот период.
Оттаму ви носиме преглед на тимовите од Супер машката лига и на двете екипи кандидати за титулата во Женската лига околу тоа како ќе се работи во следниот период.
СУПЕР МАШКА ЛИГА
Вардар – Ракометарите тренираат според планот пред натпреварот со Нексе
Еурофарм Пелистер – Ракометарите тренираат според планот
Металург – Ќе се тренира според план, нема да има пауза
Охрид – За викенд ракометарите се слободни, а се чека одлука да се види дали ќе се работи од понеделник.
Пролет – Нема да се тренира. Од утре ракометарите се на пауза на неодредено
Бутел Скопје – Три дена слободни, со тренинзи се започнува од понеделник
Радовиш – Ракометарите имаат слободно до понеделник, а доколку нема поинакви мерки, ќе се тренира регуларно
Вардар Јуниор – Одмор до понеделник, во зависност од околностите ќе биде одлучено што понатаму
Еурофарм Пелистер 2 – За денеска е закажан тренинг, а одлуката за понатаму ќе биде донесена вечерва
Металург 2 – Исто како и првиот тим ќе се работи постојано
Струга – Ќе се работи според планот, од утре ракометарите имаат три дена слободни, а од понеделник почнуваат со тренинзи, но само во сала и без теретана
Работнички – Денеска ќе биде одржан еден тренинг, викенд слободен, а од понеделник се продолжува стандардно
ЖЕНСКА ЛИГА
Куманово – Петок два тренинга, потоа слободен викенд и во понеделник ќе одлучат најверојатно ќе продолжат со тренинзи. Во петок ќе се дезинфицира сала и соблекувални.
Металург – Ќе се работи според план, нема да има пауза.