Откако минатата недела потпиша со македонскиот репрезентативец Марио Танковски, тимот на Еурофарм Пелистер денес ја продолжи соработката со интернационалецот од Босна и Херцеговина, Невен Стјепановиќ.
Како што најави 24Ракомет пред повеќе од еден месец, десниот бек и клубот усно ја договорија соработката, а сега беше ставен потпис на договорот. Стјепановиќ потпиша договор со важност до 2021 година и најмалку уште една сезона ќе игра во спортската сала „Боро Чурлевски“.
Босанецот пристигна во Битола од Спортинг и минатата сезона беше важен дел од екипата се до повредата против Мешков Брест во СЕХА лигата. Беше опериран на крајот од минатата година и неговата рекуперација е пред крај. Се очекува на почетокот од подготовките за сезоната 2020/21 да му се стави на располагање на тренерот Жељко Бабиќ.
Пред да дојде во Битола, Стјепановиќ настапуваше Локомотива Брчко, Војводина, Духаил, Железничар Ниш и Спортинг, а исто така има настапи за сите репрезентации на Босна и Херцеговина.