Еурофарм Пелистер заедно со Металург и Вардар, се трите екипи главни фаворити за трофејот на 48. издание на Струшкиот турнир.
Битолчани во првото коло ќе се сретнат со Металург и се чини ќе го решат едниот финалист.
Новиот капитен на битолскиот клуб, Градимир Чаневски вели дека убаво е чувството пак да се биде на терените по долгата пауза.
„Убаво е чувството пред камбекот на ракометните терени по пет месеци пауза. Благодарност од управата на клубот што во вакви тешки времиња беспоштедно се залагаат се да биде на високо ниво без никаква штета за играчите. Заедно со стручниот штаб и тренерот Бабиќ одработивме квалитетни подготовки во Маврово од секоја гледна точка – физичка подготвеност, тактика, тим билдинг, дружење и создавање хемија во тимот“, вели Чаневски за 24Ракомет.
Чуварот на мрежата вели дека неговиот тим дојде во Струга со цел да игра во финалниот натпревар.
„Дојдовме со многу нови ракометари во споредба со минатата сезона и поразличен стил на игра. Наше очекување е да го играме финалниот меч на турнирот. Денешниот дуел со Металург кој направи одлична екипа е пресуден за тоа“, продолжува Чаневски.
Целите се уште не се прецизирани, но голманот вели дека се гладни за домашен и меѓународен успех.
„Ние сме подмладени во однос на лани и желни за работа и докажување.Сезоната е долга, ќе ни треба време да се воиграме и да се запознаеме подобро на терен. Целите се уште не се прецизирани, но ние сме гладни сме за успеси и на домашна и на меѓународна сцена. Штета што поради ситуацијата публиката која е наша голема поддршка и играч повеќе, ќе ја нема во првиот дел од сезоната. Се надевам дека брзо ќе се подобри состојбата и спортот ќе се врати на старите патеки“, заврши Чаневски.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Металург започнува од 21:15 часот на отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“.