Откако на стартот од сезоната екипата на ПСЖ не играше против Пик Сегед, дуелот од 2. коло беше практично првиот за тимот од Париз сезонава во Лигата на шампионите, а момците на Раул Гоназалес немаа добар старт бидејќи загубија од Флензбург со 28:29.
Во интересен натпревар во кој ПСЖ имаше и плус четири, на крајот нијанси пресудија кој ќе ги освои бодовите. Големото изненадување почна да се најавува во финишот кога гостите од Германија почнаа да играат сè подобро.
На крајот од првото полувреме резултатот беше 18:14 во корист на тимот на ПСЖ. Овие четири гола, сепак, не беа доволни за да може да се дојде до победа. Грешките во финишот од средбата ги чинеа ракометарите на ПСЖ пораз, а воедно ова беше деби какво што не посакуваше Кристопанс.
Поразот беше лош старт за него, а во овој меч постигна само два гола. Најефикасен беше Карабатиќ со пет гола, додека по четири имаа Соле и Хансен. Во победничкиот табор Ване имаше шест гола, додека по четири постигнаа Штајнаузер, Готфридсон и Согард.