Екипата од Финска, Кокс која во изминатите сезони беше дел од Лигата на шампионите и имаше солидни резултати изминатата полусезона игра далеку послабо што предизвика управата да започне со реконструкција на тимот.
Кокс настапуваше во Купот на ЕХФ и натпреварувањата ги заврши во третото коло каде што беше елиминиран од Горење. Тоа всушност беше и последниот натпревар на тренерот на екипата, Борис Дворшек кој беше првата „жртва“ на слабите резултати. Сопственикот на клубот најави дека ќе следат големи промени во екипата.
„На Борис Дворшек му беше понудено да биде помошник тренер и на него останува да одлучи дали му се допаѓа функцијата и дали ќе остане. Новиот тренер ќе биде претсавен во следниот период после празниците“, најави Јари Виита.
Некои играчи веќе се прекомандувани, а некои ја прекинаа соработката со клубот. Бојан Жупањац кој беше помошник тренер се враќа повторно на теренот и после паузата ќе биде дел од тимот. Италијанецот Стефано Арчиери кој тренерот Дворшек го донесе со себе во Кокс не е повеќе дел од тимот иако имаше договор на 1+1 година.
Пролетниот дел од сезоната за Кокс започнува на 20 јануари кога ќе го играат првиот натпревар после зимската пауза во домашното првенство против Сјундеа ИФ.
Дворшек е тренерот кој му ја донесе титулата на Загреб во регионалната СЕХА лига на завршниот турнир што се играше во Скопје сезоната 2012/13.